Соопштение за јавност
Новата одговорна Влада на граѓаните на Македонија уште на првата седница сериозно ќе пристапи кон решавање на проблемот со загадувањето на воздухот, што 10 години го нарушува нивното здравје.
Дури и денеска, во ден по празници, кога движењето на граѓаните беше ограничено, во делови од Скопје и во Битола нивото на загадувањето на воздухот е до 20 пати поголемо од максимум дозволеното!
Според достапните мерења, концентрацијата на опасните ПМ10 честички во скопско Лисиче, во одредени периоди, достигнала над 900 микрограми на кубен метар! Кај Ректоратот, над 950 микрограми на метар кубен! Во Битола 650 микрограми на кубен метар!
Болниците се преполни со болни деца и граѓани со хронични заболувања кај кои загадениот воздух ја влошува здравствената состојба. Дека загадувањето е една од главните причини за преполните болници признаваат и лекарите.
Досегашната власт ништо не презема за овој голем проблем во државата. Напротив, секаде каде што можеа ги исекоа парковите и дрвјата. Не помогнаа на граѓаните и фирмите да обезбедат еколошко снабдување со струја, затоплување и современа технологија на работа. За криминални тендери, по неколку пати се правеа едни исти, неквалитетно изработени, објекти и улици. За 10 години централната власт не гасифицираше ниту еден град во државата.
Ние ќе го зголемиме законски загарантираниот процент на зеленило во урбаните средини. Ќе овозможиме субвенции и поволни кредити, за компаниите да можат да вградат најсовремени еколошки филтри. Ќе гасифицираме, по принципот на Струмица и Куманово, уште 32 града во Македонија. Ќе субвенционираме и фотоволтаични уреди за користење на сонцето како природен енергенс.
Намалувањето на загадувањето бара системски пристап од одговорна власт.
Како итни мерки, во деновите на високо загадување ќе воведеме бесплатен јавен превоз за сите граѓани на Скопје и на другите поголеми градови и привремено ќе бидат запрени сите градежни активности.
За нас здравјето на граѓаните е приоритет број еден. Тие тоа го знаат и затоа избраа
промени.
Потребна е нова одговорна Влада на граѓаните на Македонија. И Република Македонија таква Влада ќе добие.
Доаѓа живот!
Скопје, 03.01.2017
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА