Соопштение за јавност
Каранфилова Пановска: Штетна е Резолуцијата што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ, отвора прашање за јазикот што веќе е затворено
Резолуцијата којашто ја нуди како иницијатива ВМРО-ДПМНЕ деновиве сметаме дека е штетна и дека дополнително ги подрива нашите позициите како држава, затоа што отвора прашање за македонскиот јазик и македонскиот идентитет коешто е веќе комплетно затворено во време на владата на СДСМ во изминатиот мандат, рече заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска во интервју за „Вести плус“ на Канал 5 Телевизија.
-Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се гарантирани со обврзувачки документи на Европската унија, со преговарачката рамка, којашто имаме на масата и со договорот со Фронтекс. Македонскиот јазик е заштитен во рамки на Европската унија, на македонски јазик се преведуваат договорите кои што се потпишуваат со нашата држава. Апсолутно не гледаме причина во оваа ситуација, да со една ваква иницијатива, во една ваква некапацитетност на дипломатската мрежа на ВМРО-ДПМНЕ, што се покажа со последниот извештај во Европскиот парламент, одново да отвораме прашања коишто се затворени само и единствено да служат во интерес на билдање на дополнителни поделби, поларизација во општеството, на конфронтација којашто ни е најмалку потребна. Треба да престанеме еднаш засекогаш да се занимаваме со тоа кој е патриот, а кој предавник. После фијаското што го доживеа ВМРО-ДПМНЕ со извештајот во Европскиот парламент и со необезбедување сојузништво ниту од своите сестрински партии СДСМ смета дека понудената резолуција не е во интерес на градење на подобра позиција., рече Каранфилова Пановска.
Таа нагласи дека европската интеграција значи пред се реформа на системот, реформа на општеството, за да може граѓаните да живеат во една подобра и поубава држава, а тоа е интерес на сите граѓани.
-СДСМ кажа и кажува дека ќе ја поддржи секоја позиција, секоја политика, секоја стратегија што значи подобрување на нашата позиција како држава во процесот на европската интеграција а не создавање нови пречки, порача Каранфилова Пановска.
-СДСМ е за продолжување на нашиот евроинтегративен пат по принципот на градење на добри добрососедски односи, на градење на пријателства, на градење на мудра политика којашто нам ќе ни го откочи тој пат и ќе ни го одблокира на ефикасен начин и не е за дополнително подривање на нашите позиции и креирање дополнителни препреки, порача заменик претседателката на СДСМ Фани Каранфилова Пановска, во интервју за „Вести плус“ на Канал 5 телевизија.