fbpx

На идните генерации на Европа им е потребна поддршка уште денес

Facebook
Twitter
LinkedIn

16 ноември 2016 година – Европски ден на младинска акција 

Секоја генерација ја гледа Европа поинаку. За постарата генерација која живеела во текот на Втората светска војна, проектот Европа значел гаранција дека на овој континент војната нема никогаш да се повтори. За следната генерација, таа била ветување за просперитет. За генерациите кои израснале во Источниот блок, Европа претставувала влез за слобода и надеж за подобра иднина. За денешната популација на возраст од 18 до 30 години, Европа претставува суровост и недостаток на перспективи за иднина. Оваа состојба е закана за постоењето на самата Европска унија, како што и самите видовме во изминативе неколку месеци. Ако сакаме сите млади Европејци да се борат за Европа, и Европа мора да стори нешто за нив. Секако, Европа значи мир, значи слободно минување граници, подобри услови за работа како за мажи, така и за жени. Сепак, за младите луѓе од Европа, тоа е ништо во споредба со разочарувачкиот ефект од невработеноста врз нивната самодоверба, во споредба со болката кога гледате дека родителите се принудени да ви даваат пари за трошење на ваша 28-годишна возраст, или во споредба со тагата на сите оние кои се носталгични бидејќи невработеноста ги натерала да ги напуштат своите домови и земји и да заминат на работа во странство.

Единствен начин за надминување на кризата со невработеноста на младите, сиромаштијата и социјалната ексклузија низ цела Европа е да се направи издржлива инвестиција во вештините и можностите за живот на младите луѓе. Затоа борбата за висококвалитетни работни места и социјална заштита се на прво место во агендите на Европските социјалисти и социјалдемократи – и затоа Денот на младинска акција на 16 ноември, го одбележуваме со кампањи и јавни настапи низ цела Европа. Нашата кампања за План за европска младина се заснова на четири главни идеи:

Ниту еден млад човек не смее да остане без можност: бараме постојана Гаранција за европската младина со зголемен фонд од 20 милијарди долари до 2020 година
Културата да биде застапена во животот на сите: бараме Чек за европска култура, ваучер којшто младите луѓе ќе можат да го потрошат на културни активности по нивен избор
Образованието е јадро на европската сплотеност, бараме Еразмус за сите, план којшто ќе им донесе придобивки на сите ученици – вклучувајќи ги и оние со посиромашно потекло, во средни и стручни училишта
Сиромаштијата не е опција за децата: бараме гаранција за деца за да се осигуриме дека сите деца во Европа имаат пристап до здравствена заштита, образование, грижа, пристојно сместување и соодветна исхрана

Неопходно е да се преземе акција. Земете ја за пример Гаранцијата за европска младина – еден од нашите најуспешни проекти во поново време. Гаранцијата беше успешно воведена после притисокот од нашето политичко семејство и видовме колку беше успешна. Гаранцијата обезбедува секое младо лице под 25 години да добие работа, можност за стажирање, обука или место да го продолжи своето образование во рок од четири месеци после завршувањето на формалното образование или после останување без работа.

После само три години од овој план, 9 милиони млади луѓе беа опфатени со Гаранцијата за млади и се вработија, почнаа со стажирање, обука или го продолжија своето образование. Од почетен буџет од 6,4 милијарди евра, Гаранцијата за млади воведе главни структурни измени во многу земји-членки. Сега има 1,4 милиони млади луѓе помалку невработени.

Гаранцијата за млади е потребна и за младите во Република Македонија. Младите и младинските организации се запознаени со оваа мерка, која ќе обезбеди работа, пракса или тренинг за младиот човек и негова поголема конкурентност на пазарот на трудот. Целта на гаранцијата за млади е создавање на квалитетни и вешти млади луѓе, чиј труд ќе биде вреднуван а нивните капацитети постојано ќе се развиваат.

Беспредметно е да се каже дека оваа програма сега е неопходна повеќе од кога и да е. Кризата со невработеноста на младите е далеку од надмината. Еден од пет млади Европејци е невработен, повеќе од една третина се невработени подолго од 12 месеци. Кога стапуваат на сила мерките за штедење и за кратење на буџетот, први на удар се младите луѓе кои ги губат своите работни места или се наоѓаат во неизвесна положба во однос на нивната вработеност.

Младинската невработеност во Македонија изнесува 53% според Светска Банка. Се соочуваме со рекордна стапка на невработеност на млади во Европа – Македонија мора да реагира! Гаранцијата за млади ќе овозможи млади да добијат работа во својата земја, а не да работат сезонски во соседните земји, Европа или САД.

Но во време кога Гаранцијата за млади е повеќе од неопходна, таа е загрозена. Првичниот буџет е искористен и според предлогот за финансирање на Европската унија до 2020 година, 75% помалку од парите ќе бидат достапни на годишно ниво за Гаранцијата за млади.

Сметаме дека ова е пречка. Вложувањето во вештините на младите луѓе е единствен начин да се направи противтежа на ужасните ефекти од мерките за штедење од претходните години. За Гаранцијата за млади да стане постојана особина на Европската политика за вработување, како и дел од Европскиот социјален модел, ние се бориме за да обезбедиме континуирано финансирање од 20 милијарди евра.

За да бидеме сигурни дека Европската унија е симбол за просперитет на младите луѓе, вложувањето во вештините и социјалната инклузија се од суштинско значење. Сакаме да ја направиме Европа подобро место за живеење за младите – место каде што секој млад човек ќе има можност наутро да отиде на работа и да има достоен живот од тоа. Место каде што ниту едно дете нема да заспие гладно, каде што сите млади луѓе ќе имаат можност да ја истражат својата и културата на другите и ќе имаат можност да учат во странство. Младината на Европа заслужува добро финансирана Гаранција за младите, Еразмус за сите и Чек за европска култура. Сите деца во Европа заслужуваат вистинска Гаранција за деца.

Како Европски социјалисти и демократи, солидарноста е наша движечка сила. Затоа, ве поттикнуваме сите да се придружите на одбележувањето на Денот на младинска акција на 16 ноември и да застанете заедно со сите млади луѓе од цела Европа.

Сергеј Станишев                        Лаура Слимани                          Рената Јајоска
Претседател на PES                   Претседател на YES                   Амбасадор на Младинскиот план во Македонија

 

 

Последни вести