Соопштение за јавност
Минималната плата мора да се зголеми на 600 евра, затоа што тоа е егзистенцијален износ,прашање за живот и достоинство за илјадници работници и нивните семејства, порача пратеникот Јован Митрески на денешната собраниска Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, на која на невен ред е Предлог на законoт за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, поднесен од пратенчката група на СДСМ и коалицијата.
Митрески истакна дека наместо суштинска дебата за стандардот на граѓаните, денес од страна на владејачкото мнозинство со Собранието, има молк.
„Прв пат за повисока минимална плата зборува во далечната 2015 година кога баравме минималната плата да биде 11.000 денари, бидејќи тогаш беше 8.000 денари. Тогаш имаше дебата и контратези, колкава била во регионот, споредби со потрошувачката кошничка. Денес повторно зборуваме за минималната плата таа да биде 600 евра, затоа што тој износ е еден нормален, егзистенцијален износ, износ со кој би можеле работниците да живеат. Но, денес има молк, молк од пратениците, затоа што очигледно диоптерот на мнозинството е само да се затвораат прашањата кои што не носат поени“, рече Митрески.
Тој додаде дека пратениците имаат обврска да ги застапуваат интересите на граѓаните и да понудат решенија кои ќе обезбедат достоинствен живот, а сегашната минимална плата не нуди ниту минимум достоинствен живот.
„Ние сме избраници од народот и денес треба да излеземе и да ги погледнеме во очи граѓаните кои што ни ја дале довербата и да ги претставуваме во Собранието, меѓутоа и да ги застапуваме нивните интереси. Да не правиме тешки, сложени математики. Една проста сметка: еден ѓеврек и јогурт дневно 80 денари. Четиричлено семејство 320 денари дневно. Доручек, ручек, вечера 960 денари дневно. Месечно 28.800 денари. А минималната плата е 24.000 денари. Само да јадат ѓеврек и јогурт три пати на ден, 4.500 денари фалат во семејниот буџет за да го поминат месецот“, рече Митрески.
Притоа, Митрески посочи дека аргументот што владата го дава, односно работодавачите и работниците сами да се договорат, не е решение. Во образложението, Митрески укажа дека во Буџетот за 2026 година, приходот на компаниите е предвиден на 4,2 милијарди евра, што е сума од која може да издвои за раст на платите.
„Планирате дека фирмите ќе остварат добивка, профит од 4,2 милијарди евра. Па од тие 4,2 милијарди не може да има за зголемување на платите на работниците? Станува збор за минимална плата на луѓе кои се социјално загрозени и најчесто, во најголем дел, немаат друг прилив ниту закупи, ниту од дивиденди, ниту од авторски дела. Тоа им е приходот, минималната плата“, порача Митрески и ги повика пратениците да го поддржат предлог-законот за зголемување на минималната плата, со цел да се донесе решение што ќе обезбеди достоинствен живот за сите граѓани кои зависат од минимална плата.



