Соопштение за јавност
СДСМ и СДП од Хрватска ја продлабочуваат меѓусебната соработка со конкретни чекори за поврзување на општините и размена на европски искуства, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на заедничката прес-конференција со Синиша Хајдаш Дончиќ.
„Имавме навистина одлични средби и состаноци, на коишто разменивме знаење, искуства и некои наши согледувања за движењето на политиката, како во регионот, така и во Европа и светот“, рече Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ и СДП се сестрински партии со исти вредности и политики.
„Имено, ние сме сестрински партии и нашите темелни идеолошки и вредносни политики се практично исти“, потенцираше Филипче.
Како клучен конкретен чекор од средбата, беше истакнато договореното збратимување на општини.
„Разговаравме за неколку конкретни теми, имено и за збратимување на општините во коишто СДСМ тука во Македонија и СДП во Хрватска имаат свои градоначалници“, изјави Филипче.
Преку оваа иницијатива, како што посочи, ќе се овозможи директна размена на искуства, знаење и добри практики, особено во користење на европските фондови и развој на локалните заедници.
Филипче нагласи дека искуството на Хрватска од членството во Европската унија е особено значајно за Македонија, додавајќи дека ЕУ не треба да се гледа само како цел, туку како средство за подобар живот на граѓаните.
„Практично, Европската унија да не ја гледаме како наша стратешка цел, туку како инструмент да стигнеме до нашата стратешка цел, а наша стратешка цел е да живееме подобро, поквалитетно“, истакна Филипче.






