Соопштение за јавност
„Курир“ трет ден молчи на прашањата кој и на каков начин го финансира.
Професионалните и етичките новинарски стандарди подразбираат непристристрасно, објективно и транспарентно работење на медиумите.
Што крие „Курир“ и зошто?
Според официјалните документи од Централниот регистар, фирмата којашто се јавува како сопственик на „Курир“, за период од три години остварила вкупни приходи во висина од над 1,3 милиони евра.
Дали молкот во „Курир“ е поради поврзаноста на фирмата сопственик на „Курир“ ЕМ МЕДИА ДОО Скопје, со Сашо Мијалков, братучедот на Никола Груевски, преку фирмата НВСП?
НВСП е основач на агенцијата за обезбедување СГС, зад којашто во проектот Вистината за Македонија се покажа дека стои лично братучедот на Никола Груевски, Сашо Мијалков.
Сопственик на НВСП е Владислав Стајковиќ.
Стајковиќ е близок и до Жарко Луковски, главниот извршен директор на Т-мобиле и воедно кумашин на Сашо Мијалков. Токму Стајковиќ фигурира како директор во фирмата „Мобико“, каде што еден од сопствениците е Жарко Луковски.
Од 2014 година Владислав Стајковиќ е избран и за член на Надзорниот управен одбор на Државната видео-лотарија.
Проектот Вистината за Македонија откри дека фирмата НВСП, кадешто сопственик е Владислав Стајковиќ, е дел од провизијата од 540 илјади евра што Сашо Мијалков ја бара за набавување на опрема за прислушување од Израел.
Во еден од објавените разговори помеѓу судиката Костовска и израелскиот посредник, таа ја споменува фирмата НВСП како фирма на којашто сметка би требало да легнат средствата.
Она што дополнително отвора сомнеж е поврзаноста и на други провладини медиуми во Македонија со оваа фирма. На пример НВСП се јавува како сопственик и на радиото Слободна Македонија.
Наместо молк, јавноста очекува одговори на прашањата: кој и на каков начин го финансира „Курир“?
Скопје, 16.12.2015
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА