Филипче: Сточарите, млекарите, лозарите – сите земјоделци Владата ги остави без поддршка

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во гостувањето во централниот дневник на МТВ остро ја критикуваше власта поради неприфаќањето на предложената законска поддршка за земјоделците. Тој предупреди дека без дополнителна финансиска помош, земјоделците сè потешко го издржуваат финансискиот притисок, а доведено е во прашање и опстојувањето на земјоделството во одредени региони.

„Денеска во Собранието не помина законот за поддршка на земјоделците. Сите остануваат без дополнителни финансиски инјекции. Сите сфери во земјоделството. И сточарите, и млекарите, и лозарите, и јаболкопроизводителите. Буквално сите“, истакна Филипче.

Тој посочи дека финансиските тешкотии со кои се соочуваат земјоделците можат да имаат сериозни последици за продолжувањето на производството.

„Догодина е прашање дали ќе има земјоделство во одредени региони во државата, поради тоа што земјоделците не можат финансиски да го издржат овој товар и притисок“, предупреди Филипче.

Неприфаќањето на поддршката за земјоделците тој го посочи како дел од пошироката негрижа на власта за животниот стандард. Во тој контекст, се осврна и на одбивањето на предлогот за минимална плата од 600 евра, нагласувајќи дека предложените мерки произлегуваат од потребите на граѓаните.

„Не само што е реално барањето, туку е и многу потребно. Станува збор за барање што ќе ги задоволи потребите на граѓаните да го преживеат месецот. Минимална плата од 600 евра е најмалку што оваа влада треба да направи за да го подобри стандардот“, рече Филипче.

Тој порача дека СДСМ ќе продолжи упорно да поднесува законски предлози за поддршка на граѓаните.

„Што да правиме освен секојдневно, упорно, па макар звучело и како инает, за да видат граѓаните дека некој се грижи за нив? Поднесуваме такви закони и ќе продолжиме да се бориме за граѓаните“, истакна Филипче.

Линк до видео:

https://play.mrt.com.mk/play/598023