Филипче до Мицкоски и Славески: Кој ќе одговара за блокираните пари на илјадници граѓани?

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, ги повика премиерот Мицкоски и гувернерот Славески, да кажат кој ќе одговара за блокираните пари на илјадници граѓани кои имаат сметки во Алта банка. Филипче посочи дека илјадници граѓани се оставени без пристап до сопствените пари, картичките не им функционираат, експозитурите на Алта банка се затворени, а Мицкоски и Славески молчат.

„После вчерашниот прес на гувернерот се отвораат многу прашања. Прво најави дека ќе можат граѓаните коишто таму имаат свои пари да извлекуваат околу 150 евра неделно. Денеска експозитурите не работат, а на граѓаните не им работат ниту картичките на банкоматите. Како граѓаните ќе си ги повлечат парите?“, рече Филипче.

Филипче посочи дека е безобразно од страна на гувернерот да ги повикува граѓаните, да продолжат да ги враќаат кредитите, а притоа граѓанте да не можат да пристапат до сопствените средства.

„Зошто гувернерот кажува дека и покрај тоа што не може да си ги повлечат парите, имаат обврска да ги враќаат кредитите? Замислете, каков врв на безобразлук. Со кои пари луѓето да враќаат кредити? Што ако им се кредитите депозитарни, па чекаат пари од банката за да уплатат ратата за кредитот? Единаесет илјади пензионери земаат пензија преку Алта банка“, рече Филипче.

Претседеателот на СДСМ нагласи дека директно е загрозена егзистенцијата на илјадници граѓани, меѓу кои пензионери, работници и семејства кои не можат да дојдат до своите пари.

„Како пензионерите ќе стигнат до пензиите? Како ќе стигнат семејствата? Како ќе стигнат работниците? Како ќе ги издржуваат сега семејствата илјадници луѓе коишто не можат ниту од експозитури коишто се затворени, ниту од картичките коишто не им работат да стигнат до своите средства. Загрозена е егзистенцијата на овие наши граѓани. Луѓе кои што со години и животната заштеда ја вложиле порано во Стопанска банка Битола, а тие се многу луѓе сега во Алта банка се поставува прашањето дали воопшто ќе си стигнат до своите пари“, рече Филипче.

Тој посочи дека одговорноста мора да ја понесат оние кои биле надлежни да го контролираат процесот и да ја гарантираат сигурноста на финансискиот систем.

„Нека одговорат премиерот и гувернерот дали се проверени потеклото на парите пред да влезе капиталот на Алта банка тука во Стопанска банка Битола. Има ли потврда за потеклото на парите? Имало ли трансакции после завршувањето на изборите во Србија? Дали Давор Мацура престојувал во земјава изминатите денови? Да одговорат какви трансакции се прават денеска во банката, денес, кога им се блокирани средствата на луѓето, а им се дозволени трансакции на фирмите кои што имаат таму средства, дали се префрлаат пари и какви пари се префрлаат од еден правен на друг правен субјект? Ако на овие прашања тие не одговараат, ние бараме Обвинителството час поскоро да се вклучи во оваа работа и сите овие прашања да ги истражи“, рече Филипче.

Линк до видео: