Филипче: Алта банка е јадрото на криминалниот октопод на Вучиќ, Мицкоски и ВМРО се еден од краците

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервју за „Топ тема“ на Телма телевизија, нагласи дека Алта банка е во средиштето на криминална мрежа поврзана со Александар Вучиќ, а Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се дел од нејзиното дејствување во Македонија.

„Алта банка е институција за која знае целиот регион. Јадрото околу кое се врти целиот криминал не е само во Србија, туку и на Балканот. Тоа е јадрото на целокупниот криминален октопод на Вучиќ, во кој ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се само еден од краците, тука, кај нас во Македонија“, рече Филипче.

Оваа мрежа е поврзана и со финансирањето на медиумската пропаганда во корист на ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој.

„Тоа е јадрото од кое се финансираше целокупната медиумска пропагандна мрежа, со чија помош ВМРО-ДПМНЕ и нивните лаги дојдоа на власт и сега сакаат да се одржат на власт. Тоа е суштината“, истакна Филипче.

Тој потсети дека СДСМ предупредуваше за влезот на Алта банка уште во 2025 година и нагласи дека Владата и гувернерот имаа обврска да го заштитат домашниот банкарски и финансиски систем.

„Тука одговорноста на Владата и на гувернерот е да го штитат нашиот банкарски и финансиски систем. Тоа е нивна работа. Затоа се избрани, изгласани и назначени“, порача Филипче.

Говорејќи за основите на поднесената кривична пријава, Филипче посочи на непроверениот углед на инвеститорот и на сомневањата на СДСМ за договарање на процесот.

„Сè што можеме, правиме. Поднесуваме кривични пријави. Кои факти и документи ги имаме? Дека постои несовесно вршење на службената должност, затоа што не е проверен угледот на инвеститорот, Давор Мацура. Тој бил повикан и на интервју, што е една од постапките што се спроведуваат“, рече Филипче.

Тој дополнително го проблематизираше консултирањето со премиерот при одлучувањето за влезот на банката.

„Ако сакате да се договорите со премиерот, како што самиот господин кажува дека се консултирал, тогаш треба да се постави прашањето дали тука постои сомневање за некое дело. Ако го повикале, разговарале со него и притоа веќе имало објави во српските медиуми, тоа значи дека биле запознаени со тие информации. Ние се сомневаме дека целиот процес бил договорен“, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ направи јасна разлика меѓу односите со српскиот народ и неговите обвинувања за луѓето околу Вучиќ. Воедно, посочи дека Мицкоски воспоставува слични практики на контрола врз институциите и медиумите.

„Српскиот народ е наш братски народ. Но, вакви луѓе, како Давор Мацура и неговата компанија околу Вучиќ, ги имаат истите манири на владеење. Сега Христијан Мицкоски до некаде ги воспоставува истите практики: контрола врз медиумите, контрола врз правосудството, контрола врз безбедносните служби. Има многу примери за тоа“, порача Филипче.