Прес-конференција, Илија Николовски, пратеник од мнозинството на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари,
Со ребалансот на Буџетот за 2020 година што е во собраниска процедура, се обезбедуваат 470 милиони евра за четвртиот сет економски мерки.
Од нив, 27,6 милиони евра ќе бидат наменети за домашни платежни картички во вредност од 6.000 денари.
Со оваа мерка, над 180.000 пензионери со пензија до 15.000 денари ќе добијат домашни платежни картички со кои ќе можат да пазаруваат.
Покрај пензионерите со минимална пензија, платежни картички ќе добијат и лицата кои се над 64 години, а немаат пензија, ниту државна социјална пензија и се со приходи пониски од 15.000 денари, или воопшто немаат приходи.
Ова е директна помош за над 180.000 наши сограѓани, ова значи зајакнување на нивната куповна моќ и поттикнување на приватната потрошувачка.
Ова е вистинска грижа за нашите највозрасни сограѓани.
Ги повикувам колегите пратеници од сите политички партии да дадат поддршка и да го изгласаме ребалансот на Буџетот за 2020 година.
Со тоа им помагаме на нашите сограѓани и помагаме на нашата македонска економија побрзо да излезе од економската криза што го има зафатено целиот свет.
Како парламентарно мнозинство остануваме посветени на реализација на мерките и политиките што значат вистинска грижа за нашите граѓани.