Одговори на новинарски прашања, Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ
Медиуми: До пред неколку дена имаше оптимизам и од едната и од другата партија дека Законот за ЈО ќе се донесе, дека планот Б повеќе не е во игра, што се случи деновиве што толку се заостри реториката?
· Ние се уште сме оптимисти и даваме шанса на разговорите конечно сите да се издигнеме над нашите теснопартиски интереси и во име и во функција на правдата и правната држава, да го донесеме законот за јавното обвинителство. Преку оваа изјава, преку оваа прес конференција ги охрабруваме и ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ доколку навистина се искрени во тоа што го зборуваат дека и тие се за интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО, да дадат поддршка на овој Закон за Јавното обвинителство. Од друга страна свесни сме како тие манипулираат пред јавноста во однос на носењето на Законот за Јавното обвинителство се со една цел, избегнување на одговорноста и амнестија за криминалите на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Како што кажав и во изјавата, никој не смее и никој нема да побегне од правдата. Секој кој се огрешил пред законите и за кого во транспарентна судска постапка ќе се докаже неговата вина ќе одговара согласно законите во Република Северна Македонија.
Медиуми: Може ли малку детали околу тоа до каде се преговорите?
· Aко се уште даваме шанса на разговорите не би сакал во екот на тие разговори или до нивното завршување било што да извадам сега пред јавноста. Ве уверувам дека доколку има било какво приближување или било каков епилог од разговорите, вие медиумите, пошироката јавност ќе бидете со сигурност запознаени.
Медиуми: Зошто Мицкоски го споменува Пржинскиот договор како што вели дека нов договор по теркот на Пржино нема да се случи, дали на маса бил некој договор помеѓу двете политички партии?
· Со сите изјави, но верувајте дека јас никако, еве се обидувам, и никако не можам да влезам во главата на Мицкоски. Разбирлива е паниката, разбирлива е фустрацијата во ВМРО-ДПМНЕ, но верувајте дека не можам да одговарам за изјавите за Христијан Мицкоски.
Медиуми: Дали мислите дека премеко се однесувате кон борбата против корупцијата, нли мислите дека плаќате преголема цена за таквото однесување и не треба ли поодлучно да се води оваа борба против криминалот?
· Добро ви е прашањето. Ако навистина сите се залагаме за подигнување на демократските капацитети во државата, во Република Северна Македонија како парламентарна држава мора да дадеме шанса на пратениците во рамките на Собранието. Добро е со консензус, заеднички да го донесеме Законот за Јавното обвинителство. Не сакаме на било кој начин да оставиме трага или сомнеж дека ние ја злоупотребуваме позицијата на власт се со цел донесување на било кое друго законско решение. Од друга страна ја имаме опозицијата таква каква што е, но ете до последен момент, во рамки и во име на демократијата даваме шанса да имаме успех во тие разговори и преговори како сакате наречете ги, и конечно со консензус сите заедно, без разлика опозиција или власт, да донесеме закон што е во функција на правото, на правната држава и што е во интерес и на државата, но и на граѓаните во Република Северна Македонија.
Медиуми: За Комисијата за избори и именување ќе ја отвори расправата за извештајот за смена на Катица Јанева што го достави Советот за јавни обвинители, претседателот на Комисијата лично смта дека таа треба да е отворена за јавноста и ќе бара да се декласифицира Извештајот, ставот на СДСМ каков е?
· Претседателот на Комисијата пред се, не смее да го крши законот. Знаеме дека ова е на барање на Советот на Јавните Обвинители каде што јасна е препораката и насоката на претседателот на Советот на јавните обвинители, дека евентуално отворена седница би можела да биде на штета на истрагата. Од таа причина, јас сметам дека јасна е препораката и треба да ја почитуваме како препорака од Советот на јавните обвинители.