На 28 август беше Ден на рударите, а премиерот Зоран Заев во својата честитика ги израдува рударите дека во иднина правото на пензија ќе го остваруваат на 50 годишна возраст, наместо како до сега на 58 години. Тој во честитката до рударите наведува:
„Рударството е еден од главните двигатели на нашата економија. Со преку 100 активни рудници, заедно со придружните дејности што го опслужуваат, овој сектор вработува околу 10.000 луѓе и учествува со нешто повеќе од 10% во вкупното индустриско производство на Република Северна Македонија.
Во име на почитта и признанието за тешката работа на рударите, оваа Влада го исполни нивното долгогодишно барање за намалување на старосната граница за пензионирање и исправи една голема неправда. Со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, сега рударите наместо на 58, правото на пензија можат да го остварат на 50 години.
Продолжуваме заедно да работиме на унапредување и развој на рударскиот сектор кој учествува како важен сегмент во напорите да изградиме силна економија којашто ќе отвора шанси за сите“.