Макпетрол извести дека е завршена трансакцијата и дека конечно е продаден нивниот дел во ГА-МА на државата. ГА-МА е компанија за пренос на природен гас и управување со системот за пренос на гас, а според Законот за енергетика таа мора да биде во целосна сопственост на државата.
Претходно и Енергетската заедница предупредувашедека со нераздвојувањето на сопственоста впрочем се кочи развојот на секторот на гас во земјата. Сега по завршување на трансакцијата ќе се овозможи изградбата на гасниот интерконектор со Грција кој треба да биде финансиран Европската инвестициска банка.
Спогодбата меѓу Макпетрол и Владата беше трипартитна, а Секретаријатот на Енергетската Заедница како страна се согласи да им помогне на договорните страни во имплементација на сопственичкото раздвојување на новиот македонски оператор на преносниот систем и да учествува во неговата сертификација во согласност со правилата на Третиот енергетски пакет.
Национализацијата на АД ГА-МА, беше еден од приоритетите на АД НЕР. Во програмата стоеше дека годинава како друг приоритет е доизградбата на магистралните гасоводи. Планирано е конечно да биде пуштен во употреба еден магистрален гасовод кај делницата Кавадарци – Неготино и поврзување на приклучоците со првите потрошувачи.
Се очекува во употреба да бидат пуштени и двете делници – Клечовце (Кавадарци) – Неготино и Неготино – Битола, од кои првата порано за што ќе има и дополнителна набавка на природен гас, а другата кон крајот на оваа година. По застојот поради Ковид-19, АД НЕР оваа година смета на забрзано реализирање и на експропријацијата.