„Не ја поддржуваме Бугарија“, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, на прашањето дали Грција е на страната на Бугарија во блокирањето на ЕУ-перспективата на Северна Македонија за време на неговото учество на „Атинскиот демократски форум“. Тој кажа дека блокадата на Бугарија за европерспективата на земјава е непотребна компликација во процесот на проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан.
„Треба на Западен Балкан да му понудиме јасна европска перспектива. Треба отворено да разговараме за проширувањето. Треба да пратиме сигнал дека за 10-15 години, колку и да е потребно, но дека Западен Балкан припаѓа во Европа – рече Мицотакис и додаде дека евентуалниот вакуум што би се создал „ќе го окупираат други играчи“, тврди Мицотакис.
Освен што грчкиот премиер испрати јасна порака кон Бугарија дека во овој поглед нема поддршка од Атина, прашан за почитувањето на Преспанскиот договор Мицотакис одговори дека договорот е веќе ратификуван во Собранието, па оттаму тој претставува и меѓународна обврска на Грција.