Прес-конференција на СДСМ, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Почитувани граѓани, почитувани новинари
Владата предводена од СДСМ во време најголемата светска економска криза во последните 70 години, обезбедува силна поддршка за граѓаните и за компаниите.
Антикризните мерки, пред се укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи, горивата, субвенционирањето на сметките за електрична енергија, овозможуваат повеќе пари да останат во семејните буџети.
Истовремено СДСМ работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните со континуирано зголемување на платите.
Благодарение на успешните политики просечната плата се зголеми на речиси 30.000 денари. Тоа е за над 6.000 денари повеќе, во однос на периодот од пред четири и пол години.
Во изминатите години се покачија платите на наставниците, вработените во здравството, социјалната заштита, во градинките, полицијата, културата, во високото образование.
Платите на наставниците за 4 години се зголемија за над 2 илјади денари, а во градинките за 21 отсто.
Потпишувањето на колективниот договор за високо образование, за прв пат, обезбеди раст на платите просечно за 10 отсто.
Успеавме да обезбедиме и рекорден раст на пензиите, но и дополнителна помош за пензионерите и за семејствата во социјален ризик
Двојно ја зголемивме минималната плата на 18.000 денари. Над 80.000 работници денес земаат минимална плата повисока за околу 10.000 денари во споредба со времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, кога платите во одредени дејности беа 8.800 денари, а ВМРО-ДПМНЕ се фалеше со евтина работна сила.
Работодавачите веќе можат во Управата за јавни приходи да аплицираат за добивање на финаниска помош за исплата на минимална плата.
Со ова директно се намалуваат нивните давачки и се одржува ликвидноста на домашното стопанство.
Остануваме посветени и на намалување на стапката на невработеност, која сега е на најниско ниво од 15,7 отсто.
Оперативниот план за активни мерки за вработување за кој се предвидени околу 30 милиони евра, ќе опфати околу 15.000 невработени лица.
Владата предводена од СДСМ во време на криза продолжува со вистинска грижа за сите граѓани, секој расположлив денар го насочува кон подобрување на животниот стандард на граѓаните и унапредување на економијата.
Благодарам