Нели ви е срам!?
Да се живее во ерата на дигитализацијата и социјалните мрежи е голем предизвик. Тоа носи прилично голем број на можности, но за жал, уште поголем број на опасности. Дигитализацијата дава можност позитивните вести да патуваат брзо, но лажните уште побрзо. Сето ова, на криминалните умови им дава простор да лажат и да забегуваат до бескрај во својата перверзност.
Кризните времиња во кои светот па и Македонија живеат ги извадија сите лаги и перверзии на површина. Покрај плејадата на лажни вести кои ги изнаслушавме и изнагледавме поврзани со пандемијата од Ковид кои имаа за цел да шират паника и несигурност, сведоци сме на поплава од лаги и перверзии од страна на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со светската енергетска криза, но и со т.н. Француски предлог.
Партијата која веќе триесет години има истакнати членови и врвни функционери кои имаат отворено пробугарски ставови, сега обвинува за “бугаризација”. Тоа е истата онаа партија која статутарно и историски има континуитет со Ванчо Михајлов и Тодор Александров кои ја предводеле партијата, а биле и соработници на фашистите. Та нели ги гледавме функционерите на ВМРО-ДПМНЕ во Универзална сала седнати до Груевски како со својот југенд ги воспеваат овие контраверзни ликови. Нели ги гледавме Милошоски и Мицкоски како се сликаат и палат свеќи на празници со основачите на клубот “Ванчо Михајлов”. Овие луѓе кои со децении се крстат во Софија, и се први другари со ликови како Каракачанов, сега безобразно обвинуваат за “бугаризација”. А што правевте 11 години на власт бре пријатели? Фрлавте милијарди евра на антиквизација на Македонија, изградивте и спомен куќа на Ванчо Михајлов во штипско, а му подигнавте и восочна фигура во музејот на револуционерната борба. Па во тие 11 години владеење на ВМРО ДПМНЕ рекорден број на македонци извадија бугарски пасоши, а според некои извори и добар дел од вашето раководство го направило истото. Зарем не е безобразно сега овие луѓе да се колнат во Македонија и да обвинуваат неосновано за предавства, истите тие кои ги видовме пред Бојко Борисов како велат го поддржуваме договорот!?
Перверзиите на опозицијата немаат крај. Најнов фокус им е енергетската криза. Фрлаат дрва и камења небаре кризата е само кај нас, а не увезена од странство. Како да нема војна во Украина или огромна инфлација во една Германија и една Франција, нешто што било незамисливо. Растот на цените е главна тема во сите земји во светот, свет од кој сме и ние дел, сакале да признаеме или не.
Владата сега плаќа скоро 80% од цената за струја на домаќинствата. Односно, ако не е таа субвенција од државата, ние граѓаните ќе треба сите да плаќаме за до 80% повисоки сметки од тоа што го плаќаме сега. Се спрема и нов пакет антикризни мерки за помош на фирмите и домаќинствата. Греењето во Скопје е обезбедено (иако е тоа обврска на Градот од која Данела се откажа) по нормални цени. И дали ќе биде лесно? Не! Дали ќе се откажеме од борбата? Не!
Од друга страна перверзната опозиција без грам срам продолжува да лаже. Мицкоски кој додека беше директор на ЕЛЕМ, струјата ја поскапе за 100% иако немаше никаква светска криза во тоа време, сега секојдневно лаже и пробува да го сокрие минатото. Намерно заборава да каже дека потрошија и украдоа 800 милиони евра на барок, наместо да направат нови енергетски погони. Енергетски погони за државата, бидејќи приватни хидроцентрали секако си направи. Тие инвестираа повеќе за оние кои умреле пред илјадници години наместо за живите. Па имаат ли овие луѓе срам?
Перверзијата кулминираше со изборите. После дебаклот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите и тешкиот пораз во Маврово-Ростуше, Центар Жупа и драстичниот пад на гласови во Тетово, Мицкоски исчезна со раководството седум дена, а Ѓорчев од петни жили се трудеше поразот да го претстави како победа. Која иронија, на “победнички” прес го нема претседателот, генсекот и потпретседателите!
Една народна вели: Не ми е криво што ме лажеш, криво ми е што мислиш дека ти верувам!
Ем не лажете, ем мислите дека ви веруваме.
Светска криза е, конструктивно помогнете наместо да лажете и манипулирате. Дури тогаш, можеби граѓаните ќе ви ја препознаат искреноста, па после наредни избори нема да треба да се криете седум дена во глувчешка дупка.