Прес-конференција на СДСМ, Марија Георгиевска, пратеничка на СДСМ
Почитувани,
Со денови пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата за прашањата за изборите и именувањата, на секој можен начин го блокираат изборот на нови уставни судии.
Типично, за ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога се носат одлуки важни за правниот систем во државата, тие опструираат, блокираат, прават тензии, се закануваат.
Така беше и при изборот на државен јавен обвинител, така беше и за Законот за јавно обвинителство, така е и сега кога треба да се бираат уставни судии.
Повеќе од една недела во Комисијата гледаме, нервозно, вулгарно однесување на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои по секоја цена се обидуваат да го пролонгираат изборот на уставните судии.
Како ВМРО-ДПМНЕ го замислува правниот поредок говорат и нивните предлог кандидати за уставни судии.
Меѓу нив, освен што е мајката на еден претседател на Совет од ВМРО-ДПМНЕ во една скопска општина, таму е Воислав Димовски, обвинител од Охрид кој доби кривична пријава затоа што замислете, намерно и свесно застарувал истраги за сторени кривични дела.
И тој како и доста функционери од ВМРО-ДПМНЕ е фатен со рацете во медот, а партијата, замислете, го предлага како кандидат за уставен судија.
Почитувани,
Ваквото неодговорно и несовесно однесување на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нанесува штета на судскиот систем во државата.
Уставниот суд во моментов работи на граница на кворум, со пет од вкупно девет предвидени уставни судии.
Во ноември истекува мандатот на уште еден судија и доколку не се изберат нови уставни судии, државата може да влезе во уставна криза, затоа што со четири судии во состав, Уставниот суд не може да одржува седници, не може да носи одлуки.
Очигледно тоа е намерата на деструктивното и антидржавничко ВМРО-ДПМНЕ, но ние како парламентарно мнозинство тоа нема да го дозволиме.
Ќе ги искористиме сите механизми, ќе ги издржиме сите притисоци и закани од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а уставните судии ќе бидат избрани, Уставниот суд ќе работи во полн состав.
ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ќе биде поразено од страна на правдата.