Владата најави сет на антикризни мерки меѓу кои и поврат на ДДВ во рок до 30 дена. 24 инфо ја праша директорката на Управата за јавни приходи дали има доволно средства за поврат на истите во рок до еден месец од поднесување на документите, какви се состојбите во стопанството дали фирмите, дали одреден дел на фирми не исплатиле плата? Лукаревска одговори и на прашањата што прават како институција за да ги заштититат работниците од неисплатени плати и што мисли за Викенд без ДДВ…
Директорке Лукаревска, Владата најави сет на антикризни мерки меѓу кои и поврат на ДДВ во рок до 30 дена. Дали има доволно средства за поврат на средствата во рок до еден месец од поднесување на документите?
Апсолутно, да. И досега, за сите даночни обврзници кои исполнуваа услови и имаа комплетни барања и поминат контролен систем им се врши поврат на ДДВ. Од почетокот на оваа година до крај на септември, УЈП има исплатено 32,8 милјарди денари за поврат на ДДВ кон стопанството. Овој износ на поврат на ДДВ е повисок за 49,86 % во однос на вратениот ДДВ во истиот период од 2021 година и е повисок за 73,32% во однос на истиот период од 2020 година и за 71,13% во однос на вратениот ДДВ во истиот период од 2019 година. Свесни сме дека заради специфичноста на состојбата во целиот свет, неизвесноста со економските текови, средствата од повратот на ДДВ се повеќе од добредојдени. На овој начин, преку враќање на данокот на додадена вредност обезбедуваме ликвидни средства за компаниите.
Како директор на УЈП, секојдневно комуницирате со менаџерите на компании, какви сознанија имате, какви се состојбите во стопанството дали фирмите навреме си ги сервисираат обврските кон државата?
Се трудам лично да посетувам даночни обврзници, изворно од нив да слушнам со кои проблеми се соочуваат, и во рамки на законските надлежности и во склоп на ингеренциите кои ги имаме, заеднички да ги решаваме проблемите со кои се соочуваат и да создававаме услови за поволна бизнис клима и можности за раст и развој на стопанството. Токму од ваквите посети, некои од забелешки кои кои биле спроведливи, веќе се имплементирани. Сетам дека од заеднички интерес е да се градат партнерски односи со даночните обврзници. Во целиот период, преку еден транспарентен пристап, постојано го унапредуваме процесот на меѓусебна комуникација како и подигање на даночната свест и морал. Би рекла дека согласно податоците од наплатата на приходите, досега компаниите редовно си ги сервисираат даночните обврски. Оваа година наплатата по сите видови приходи заклучно со септември изнесува 77,2 милијарди денари, што е за 0,62% повисока во однос на планот за 2022 за овој период и за 19,80% во однос на истиот период минатата година. Предизвик и огромна одговорност е во време на глобална криза да се зачува животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите.
Што покажуваат контролите? Каква е состојбата? Кои се најчести прекрошоци кои ги утврдувате, или каде имаат отстапки компаниите?
Редовно сме на терен и контуинирано ја следиме даночната дисциплина на компаниите. Согласно надлежностите на УЈП кои произлегуваат од Законот на управата за јавни приходи, Закон за даночна постапка, спроведуваме контроли на данок на добивка, данок на личен доход и придонеси, како и контроли на други јавни давачки за кои УЈП има пропишана надлежност за контрола на други неданочни закони тука спаѓаат игри на среќа и концесии. Од почетокот на оваа година заклучно со месец август 2022 година извршени се вкупно 4.523 контроли од кои 1.590 контроли на даноци (ДДВ, ДЛД и данок на добивка) и 56 контроли на други јавни давачки. Најчести видови на констатирани неправилности се утврдени кај неточно искажан влезен данок, понатаму неевидентиран промет како резултат на констатиран кусок на залихи, готов производ, потрошена амбалажа разлика помеѓу вкалкулираната и продажната цена на производите или материјалите, констатирани разлики меѓу набавените вредности и продадените, неевидентирани фактури во сметководствена евиденција, искажан промет по повластена наместо општа даночна стапка што е спротивно на одредбите на член 30 ст.1.т.14 од Законот за ДДВ).и др неправилности за кои има и соодветни поднесоци.
Мој ДДВ е мерка која станува се поатрактивна, има ли доволно средства за поврат на ДДВ за скенираните сметки?
Средства за МојДДВ имало и ќе има. Во моментов, со антикризните мерки обезбедени се дополнителни 18 милиони евра во Буџетот за поврат на средства, за граѓаните корисници на Мој ДДВ. Во ноември следи исплатата на третото тромесечје за скенирани фискални сметки преку МојДДВ во месеците јули, август и септември, каде што согласно пресметките, се очекува за трето томесечје од 2022 година, на граѓаните да им се вратат околу 580 милиони денари. МојДДВ, станува се поатрактивна мерка, и бројот на корисници секојдневно расте. Ако во 2019 година апликацијата стартуваше со 212.776 корисници, денеска, апликацијата има регистрирани над 460 илјади корисници на возраст од 15 до 98 години. За три години како се реализра мерката МојДДВ, УЈП, на сметките на корисниците исплати 4,2 милијарди денари или близу 68,3 милиони евра. Тоа се сериозни средства преку кои директно се подобруваат семејните буџети, а на овој начин позитивно влијаевме и врз стеснување на обрачот на сивата економија.
Постојано се слуша во јавноста дека одреден дел на фирми не исплатиле плата? Што правите како институција за да ги заштитите работниците од неисплатени плати и дали има санкции за оние кои го прекршиле законот, односно не исплатиле плата на вработените?
За жал, има одреден број на работодавачи кои се обидуваат да не го платат трудот на работниците. Ние како институција сме надлежни за контрола, утврдување и наплата на придонесите од задолжително социјално осигурување како и вршење на присилна наплата кај оние даночни обврзници кои во законскиот рок не ги уплатиле придонесите. Токму затоа имаме блиска соработка со Државниот инспекторат за труд, им доставуваме податоци за оние компании кои не поднеле пресметки за уплата на придонеси, односно поднеле пресметки а не ги уплатиле придонесите а со тоа не ги исплатиле и платите на работниците, кои понатаму согласно нивните надлежности вршат надзори кај овие компании.
Правилата и законите постојат за да се почитуваат, верувајте секаде каде што се почитуваат правата на работниците, каде платите се исплаќаат навремено, каде се вреднуваат прекувремени работни часови, во тие фирми, има просперитет, имаат успех. Сметам дека треба сите да сме одговорни а во оваа време – невреме имаме одговорност да бидеме и солидарни.
Опозицијата предложи во пакет антикризни мерки да се вметне вашата мерка Викенд без ДДВ? Дали размислувате за вакво нешто и дали мерката има ефект?
-Оваа мерка успешно ја спроведовме во 2020 година и секако ако евентуално истата се актуелизира, ние како имплементатори на мерката имаме капацитет истата да ја спроведеме. Сметаме дека сега се потребни таргетирани мерки кои ќе помогнат полесно да ги надминеме последиците од оваа глобална криза.
Мислам дека во овој моментl, важно е сите да се концентрираме на мерките кои ќе овозможат заштита на животниот стандард на граѓаните, но и зачувување на ликвидноста на стопанството. Со новиот сет на мерки се продолжува субвенционирањето на придонеси од задолжително социјално осигурување за зголемување на плата до 6.000 денари, успешна мерка која од втората половина на 2019 година се имплементира токму преку УЈП. Исто така, продолжува примената на повластена даночна стапка од 5% за промет со електрична енергија за домаќинствата. На овој начин, овозможуваме пониска цена на струјата за граѓаните и намалување на нивните трошоци. Со пакетот мерки, се овозможи ослободување од ДДВ при увоз на природен гас, ел.енергија, тополинска енергија или енергија за разладување шт дополнително помага во намалување на крајната цена.
Бевте дел од делегацијата која беше на Годишните состаноци со ММФ и со Светска банка? Какви впечатоци носите од таму?
Годишните средби со ММФ и Светска Банка беа продуктивни. Како делегација одржавме многу формални и неформални состаноци кои се од интерес на државата. На состаноците разговараме за спроведувањето на даночните реформи со цел постигнување на инклузивен раст, а дискутиравме и за сите преземени мерки во насока на надминување на здравствената и економската криза и како во време на неизвесност да обезбедиме фискална одржливост. Добивме поддршка за многу проекти. Канцеларијата на ОТА е подготвена да го подржи равојот на капацитетите за управување со јавните финансии, борбата со сивата економија и политиките за спречување на перење на пари..На состаноците ги разгледавме и можностите за продлабочување на економската соработка, спроведување на нови проекти во соработка со УСАИД и Амбасадата на САД во земјава, а добивме и подддршка за продолжување на приоритетни проекти поддржани од ЕБОР, преку кои се овозможува доближување на нашата земја до стандардите на ЕУ.
Вие сте и втор човек на СДСМ, кои се активностите на партијата во наредниот период?
Посветени сме на успешно менаџирање со последиците од глобалната економска и енергетска криза, заштита на стандардот на граѓаните, на компаниите и поддршка на ранливите граѓани, на оние на кои помошта во криза им е нај неопходна. Обезбедивме доволно храна, струја и енергенси во пресрет на зимата. Следува тежок период но подготвени сме за сите предизвици. После 17 години започнавме преговори со ЕУ, со заштитен македонски идентитет, како резултат на државничките политики токму на СДСМ. Сега е клучно да се заокружат сите процеси и да станеме полноправна членка на ЕУ. Од внатрепартиските активности можам да истакнам дека следуваат интензивни теренски активности на СДСМ, меѓу граѓаните, меѓу членовите, во сите населени места. СДСМ е партија когашто е блиска со граѓаните, кога ги слуша и им служи токму на граѓаните.