Соопштение за јавност
Скринингот тече како што и беше планиран, и пред нас сега се уставните измени, кои ќе се најдат пред македонското Собрание и нашите 120 пратеници. Јасно ми е дека нивната одлука нема да е лесна, но очекувам дека ќе покажат државничко однесување, вели во интервју за МИА, претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
Морам да посочам дека исклучително ми е драго што ние денес разговаравме за нашата европска иднина, за отпочнатите преговори, отпочнатиот скрининг, за напредокот, за конкретни реформи кои треба да се случат, а не зборуваме дека сето ова треба да се случи во иднина, додава Ковачевски. Тоа е огромен напредок и навистина сум горд на тоа, вели Ковачевски во интервјуто.
-Пратениците се сепак и пред сѐ претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во земја членка на ЕУ. Сакаат да сме полноправна членка. Не само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, и владеење на демократија. Граѓаните сакаат подобар живот по европски стандарди, затоа што сакаат децата да им останат дома и тука да си ја градат иднината, вели претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Посочува дека на 19 јули ги отпочнавме преговорите со ЕУ и ја одржавме првата меѓувладина конференција, на 15 септември започна скрининг процесот а на 26 октомври го потпишавме договорот за ФРОНТЕКС кој е прв документ на кој имаме ставено потпис заедно со сите останати 27 земји членки на ЕУ, на македонски јазик, без никакви додавки, ѕвездички и фусноти.
-Со овие три датуми ние започнавме ново поглавје во нашиот европски пат, и одиме кон полноправното членство во ЕУ. Донесовме многу тешки одлуки, но со тоа покажавме и визија, и лидерство и храброст, затоа што сето ова реално значи можност за подобра, побогата иднина, подобар животен стандард за граѓаните, можност децата да ни живеат во земја членка на ЕУ, но тоа наместо да биде во некоја друга земја, да биде тука, дома, во Северна Македонија, вели претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во денешното интервју за МИА.