Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник, 04.08.2016
Дали сакаме луѓето да гледаат турски серии и да учат од покорни професори или сакаме да читаат и да размислуваат?
Општествата со помала економска нееднаквост помеѓу граѓаните имаат помалку насилство и криминал, подобро здравје и повисоко очекувано траење на животот на луѓето. Ова барем не би требало да биде дилема. Ако сакате многу детали и податоци за ова побарајте ја книгата „Духовното ниво“ на Ричард Вилкинсон и Кејт Пикет.
Образец за фер општество треба да претставува малата Данска. Тоа е препорака на демократот од САД, Берни Сандерс, и на еден од врвните економисти на денешницата, Џозеф Штиглиц. Идејата е дека во Данска има мали разлики помеѓу богатите и сиромашните, а мнозинството граѓани има завидно ниво на економска благосостојба.
Јас имав среќа да живеам една година во Данска. Дотогаш мислев дека за едно општество да го направите подобро е доволно да ја средите корупцијата во институциите, да ги направите прогресивни даноците, да ги подобрите социјалните трансфери, да ја зголемите поддршката за малите и средни претпријатија и слично, но во Данска сфатив дека приказната е повеќе од само менување на елементите на системот.
Најпрво ми беше чудно што на Универзитетот во Архус сите професори, вклучувајќи ги и деканите и ректорот, се ословуваат по име. Нејасно ми беше зошто дуќаните се затворени секогаш кога ви требаат – тие во работните денови обично затвораат во 17 часот. Не можев да сватам зошто бебињата се оставаат да спијат во количка пред ресторанот додека родителите внатре ручаат. И секако, иако верувам во прогресивни даноци, се чудев како можат да бидат среќни кога даноците достигнуваат и до 55 отсто од доходот. Но, полека почнав да ја разбирам логиката.
Не е потребна хиерархија и криење зад титули ако тие што се на водечките позиции се квалитетни. Добро е дуќаните да затворат во 17 часот, бидејќи и нископлатени работници во трговијата ќе си отидат дома како и секој друг во економијата и нема да бидат експлоатирани да работат по цел ден. Веројатно е подобро за децата да спијат на чист воздух надвор отколку да бидат внатре во врева и застоен воздух, а да ги оставите надвор сами морате да верувате дека никој нема да ги украде или да им направи нешто лошо. А, ова е секако поврзано и со плаќањето на даноците. Тие веруваат дека треба да плаќаат високи даноци бидејќи се убедени дека јавните институции повторно ќе им ги вратат парите преку здравство, образование, патишта, социјална заштита и слично.
Затоа клучното прашање за мене беше каде треба да започне да се гради едно вакво општество во кое луѓето си веруваат едни на други, но и знаат дека општеството ќе биде добро ако сите заедно напредуваат, а не е добро ако само неколкумина имаат с?, а мнозинството на граѓани немаат ништо?
Во Данска сватив дека ова мора да започне да се гради уште во детските градинки. После во училиштата или на факултетите би било доцна. Има многу примери како ја тие ја создаваат свеста за заедничко живеење и споделување со другите деца во градинките. Еве еден од нив. Мојата ќерка одеше во градинка, секако јавна (никогаш не слушнав дека таму постои приватна градинка) и имавме обврска еднаш неделно да однесеме овошје. Немаше никакви правила за овошјето, ниту за видот, ниту за количината, веројатно секој да однесе какво може. Во градинката имаа обичај секој ден донесеното овошје да го ставаат во голем послужавник и со кружење секое дете да зема по малку од купот. На овој начин, дете од семејството што не може да си дозволи ананаси и манга, секако дека ќе може да ги проба и нив. А, на овој начин полека секое дете станува свесно дека во животот е важно да се биде трпелив и да се дели со другите. Можеби ова ви изгледа наивно или погрешно за нашата средина, но за да ја видите разликата пробајте да поделите овошје или чоколатца помеѓу деца кои не се воспитувани на заеднички живот и споделување кај нас и видете што ќе се случи.
Развојот на децата во Данска освен во градинките се случува и во јавните библиотеки. Како родители често добивавме покани за бесплатни предавања за воспитување на децата или за нивна исхрана кои се одржуваа во библиотека. Тие беа одлични. Можевме да научиме нови работи, но и да запознаеме нови луѓе кои ги имаат истите проблеми со нас. А децата ја обожаваа библиотеката. Однадвор тоа беше стара зграда, но внатре беше модерно уредена. Имаше убав простор за играње на децата, опремен со различни играчки и едукативни катчиња. Заради оваа библиотека, денес ќерка ми мисли дека библиотеките се нешто најубаво.
Во август минатата година добив покана да присуствувам на конференција која ја организира Универзитетот во Архус, но една година подоцна (овој август). Им пишав на колегите таму на шега дека ние овде на Балканов живееме во постојани турбуленции и дека една година е долго и непредвидливо време. Но, тие се во право. Нашата грешка овде на Балканов е што никогаш ништо не планираме долгорочно. Бидејќи помина година од тогаш, деновиве разгледав на интернет што се случило ново во Архус (тој е втор град по големина во Данска) од кога се вративме во 2014 година. И не бев изненаден!
Во Архус во последниве години не изградиле ниту еден нов споменик и не направиле нова фасада. Има само една промена. Голема промена. Знаете ли што изградиле?
Библиотека. И тоа не обична. Во основа направиле ново градско јадро во чии што центар се наоѓа библиотеката. Библиотеката е најголема во Скандинавија. Има површина од 17 илјади квадратни метри, во кои што се вклучени и простории за услуги на граѓаните. Библиотеката содржи од најмодерни детски катчиња, па се’ до нивоа за предавања и комуникација помеѓу граѓаните. Посебно внимание се посветило за нејзина физичка достапност до сите – посебно на лицата со посебни потреби. И не е направена во барок, туку содржи кубуси направени од стакло и метал. Целиот проект ги чинел даночните обврзници 270 милиони евра, а покрај библиотеката во парите е вклучено целосно архитектонско уредување на просторот околу библиотеката, односно целосно преуредување на едно пристаниште со паркови и простори за рекреација и дружење на граѓаните.
Архус ќе биде главен град на културата на Европа во 2017 година. Темата на големиот број настани што ќе ги организираат во таа чест е да размислиме повторно, односно да размислиме подобро(RETHINK). Ние во Македонија секако ќе мораме да размислиме подобро каде сакаме да одиме и што сакаме да правиме. Дали сакаме барок, споменици и поделби или сакаме градинки, библиотеки и заедништво? Дали сакаме луѓето да гледаат турски серии и да учат од покорни професори или сакаме да читаат и да размислуваат? Ние го правиме изборот. Од нас зависи.