Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник, 12.04.2016
Добро е познато дека нивото на платите во Шведска е многу повисоко од тоа во Македонија. Таму просечната месечна нето-плата изнесува 2.600 евра, а во земјава 360 евра. Згора на тоа, во Македонија 51 отсто од вработените имаат плати кои се пониски од 260 евра.
Постојат многу причини за големата разлика во платите помеѓу Македонија и Шведска. Интересно е што една од најважните причини воопшто не и’ е позната на јавноста во Македонија. Тоа е моделот Рен-Мејднер, кој Шведска го применуваше од 50-тите години на минатиот век.
Моделот е дело на двајца економисти од Шведската конфедерација на синдикати, Рудолф Мејднер и Госта Рен. Тие во 1951 година објавуваат макроекономски модел, кој всушност претставува трет пат – се разликува и од кензијанизмот и од монетаризмот. Неговата идеја е да ги оствари четирите цели на економската политика (полна вработеност, ниска инфлација, еднаквост во доходот и економски раст) преку комбинирање на рестриктивна макроекономска политика, солидарна политика на плати и селективна политика на пазарот на работна сила.
Моделот препорачува затегната фискална политика (пред се’ индиректно оданочување) и монетарна политика за да се одржува инфлацијата ниска за време на бизнис-циклусот, што е повеќе од препораката за фискално ограничување при полна вработеност на кензијанската теорија. Неговата идеја е дека агрегатната побарувачка треба да се ограничи за да се спречи прегревање на економијата и периодите на масивно зголемување на трошоците. Ова не ја исклучува експанзивната фискална политика во периодите на ниска економска активност.
Рестриктивната макроекономска политика има за цел не само да ја контролира инфлацијата, туку и да прави притисок за намалување на профитите и профитните маргини, а да се врши редистрибуција на доходот во полза на трудот. Затоа полната вработеност не се остварува преку експанзивна макроекономска политика, како што тоа го претпоставува кензијанскиот модел, туку преку селективна политика на вработување.
Солидарната политика на плати значи дека еднаквите работни места треба да добијат иста плата, независно од профитабилноста на компаниите. Таа има две цели. Прво, да создаде поправедна структура на платите во економијата преку изедначување на платите на сличните работни места. Второ, да прави притисок на компаниите да ја зголемуваат продуктивноста. Солидарната политика на плати ги оневозможува компаниите да преживеат само со плаќање ниски плати. Затоа таа е и инструмент да ги „убие“ непродуктивните компании и да го засили притисокот за трансформација. Растот на продуктивноста е најважниот фактор за раст на платите.
Политиката на пазарот на трудот треба да ја победи невработеноста која може да настане поради генерално рестриктивната макроекономска политика и солидарната политика на плати. Таа се состои од два дела: селективна политика на побарувачката и мерки за подобрување на приспособливоста на пазарот на работна сила. Политиката на побарувачката на работна сила треба да има најмали можни ефекти на агрегатната побарувачка и затоа треба да биде ориентирана само кон оние индивидуи, групи или региони кои се во проблем. Рејн и Мејднер препорачуваат и маргинални субвенции за вработување. Приспособливоста на пазарот на работна сила треба да се подобри преку мерки ориентирани на понудата (тренинг грантови и програми за професионално образование) и адекватно спарување на понудата и побарувачката на пазарот на работна сила од страна на јавните агенции за вработување.
Идејата на оваа политика е да обезбеди приспособување и движење на работникот спрема нови работни места. На овој начин таа го стимулира економскиот раст преку олеснување на продуктивните компании да регрутираат работници. Исто така, политиката на пазарот на работна сила е инструмент и за борба против инфлацијата. Стимулирањето на мобилноста на работниците ја ублажува можноста за раст на платите во секторите кои имаат голема побарувачка за работна сила. Ова не значи дека во моделот, политиката на пазарот на трудот води до намалување на платите. Таа ја превенира невработеноста, а со тоа и го оневозможува намалувањето на платите во рецесија.
Политиката на пазарот на работна сила има своја улога и во обезбедување еднаквост. Мобилноста на работниците на пазарот на трудот ги спречува големите разлики во плати помеѓу компаниите. Дополнително, солидарната политика на плати го забрзува преминувањето на работниците од непродуктивните спрема продуктивните сектори. Обезбедувањето полна вработеност ја зголемува праведноста во распределбата на доходот во општеството со тоа што го зголемува делот на трудот во додадената вредност на економијата.
Мејднер во средината на 1970-тите, кога неолиберализмот започнува да ја враќа својата сила, го дополнува моделот со уште еден елемент. Тоа се „фондови на оние кои работат за плата“. Мејднер предлага дел од профитите на компаниите да одат во фондови кои ќе бидат водени од синдикатите. Неговото размислување е дека на овој начин ќе се зачува силината на синдикалното движење, а ќе се намали моќта на капиталистите. Овој предлог на Мејднер ја претставува најголемата идеолошка конфронтација помеѓу социјалдемократите и либералите во Шведска.
Моделот Рен-Мејднер им ги обезбеди економските фундаменти на социјалдемократите во борбата за повисоки и фер плати во Шведска. А, денес повторно, се’ повеќе економисти во Европа зборуваат за потребата за напуштање на постојните неолиберални модели на економски раст. Неолиберализмот само ја зголеми нееднаквоста во распределбата на доходот и ги продлабочи јавните долгови.
За жал, нашава економија е еден од најјасните примери за тоа. Платите се на ужасно ниско ниво, а профитите се огромни. Работничките права се целосно погазени. Синдикалното движење е уништено. Има значајно несовпаѓање на понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Мобилноста на овој пазар е закочена… А, јавниот долг сериозно расте.
Постојат начини да се променат работите. Крајно време е за промени.