Интервју за Фактор на потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев
СДСМ е на чекор да го стабилизира парламентарното мнозинство и најверојатно да обезбеди мирно привршување на мандатот на премиерот Ковачевски. Но, паднатиот рејтинг на партијата влева сомнеж дали актуелната политика на власта е исправна и колку има целосна поддршка од гласачкото тело кое и даде доверба да формира Влада.
Често омилена тема на кулоарите се наводните крила во партијата што не и овозможуваат целосно да го искористи потенцијалот и да ги реши внатрешните проблеми, па затоа полесно и е да се фокусира единствено на меѓународната политика. Од нивното доаѓање на власт во 2017 година повеќето од енергијата се потроши на решавање на проблемот со името со Грција, а сега веќе неколку години главна преокупација е спорот со Бугарија и неизвесната европска иднина.
За да ги расчистиме дилемите за внатрешните состојби во СДСМ и главниот приоритет за уставните измени како и справување со актуелните кризи разговараме со Стефан Богоев, поранешен пратеник и градоначалник на општина Центар, а сега потпретседател на владејачката партија.
„Мислам дека на сите им е јасно дека владејачкото мнозинство е стабилно со тенденција да се проширува. Граѓаните и јавноста две години слушаа разни приказни или поточно дезинформации за некаква нестабилност во СДСМ, за некакво ново мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ, кое само што не се случило“, вели Богоев за Фактор.мк.
Колку е стабилна внатре СДСМ и пошироката коалиција во Собранието, дали сите пратеници се посветени на владејачката агенда за наредниот период и колку инсистирањето на влез на Алијанса во Владата значи дека постојат недостатоци кои треба да се покријат за гарантирање на парламентарното мнозинство до крајот на мандатот?
Богоев: Последен пат, токму на големиот верски празник Божиќ, директно од страна на Мицкоски беше пласирана оваа лажна теза дека до крајот на јануари или на средина на февруари ќе има ново парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ. Дури имаше и термин за предвремените избори кои се само во главата на Мицкоски, на 14 мај. Еве дојде и пројде средина на јануари, и средина на февруари кај и да е ќе пројде, сите лаги на Мицкоски потонаа во вода. Повторно и повторно по којзнае кој пат. Факт е дека не само што нема ново мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, туку има интензивни разговори за зголемување, проширување на владејачкото парламентарно мнозинство на проевропската владина коалиција.
Што се однесува до работата на Собранието би сакал да се надоврзам со неколку клучни работи. И за време на пандемијата со Ковид 19 и сега, во време на најголема економска и енергетска криза неодговорноста на опозицијата продолжи со блокада на законодавниот дом. Финансиската помош за граѓаните и за компаниите ја блокираа. И покрај сите тие предизвици, успеваме успешно да се справиме со енергетската криза. Најголем пакет во регионот од 760 милиони евра за помош на граѓаните и компаниите реализиравме и може да кажеме дека никој не беше оставен сам во оваа криза. Предизвици се уште има, но ќе ги совладаме и со заздравувањето на економијата ќе биде подобро оваа година.
Оттука, соработката со Алијанса е многу поширока за подобрување на животниот стандард на граѓаните, во повеќе сфери, а не само во рамки само на Собранието. Сметам дека соработката со Алијанса ќе биде додадена вредност за граѓаните и државата, за унапредување на владеењето на правото, борбата против корупцијата, за зголемување на ефикасноста на Собранието, кадровско освежување и секако потенцијал за широка соработка на локално ниво во општините и во советите. Зголемувањето на парламентарното мнозинство е чекор напред за проширување на европскиот сојуз, на блокот политички партии кои се за членство во ЕУ и поддршка на сите неопходни реформи, чекори и одлуки до исполнување на оваа стратешка цел.
Може ли распределбата на министерските и директорските фотелји да предизвика нови поделби и незадоволства во партиската структура на СДСМ и дали воопшто со толку чести кадровски промени како распределба на владејачкиот плен, а не назначување на соодветни кадри во институциите може да се реализира предвидената реформска агенда, особено ако се земе во предвид дека во образованието и науката, здравството, правдата и борбата со корупцијата има најлоши оценки и големо незадоволство кај граѓаните?
Богоев: За СДСМ на прво место е интересот на граѓаните и иднината на државата. Се што правиме е во оваа насока и оттука зголемување на парламентарното мнозинство со нов политички субјект, покрај постојните може да биде само додадена вредност за граѓаните, за што веќе зборував.
Секако, при преговорите инсистираме на кадри кои се професионалци во својата област. Тоа е наш приоритет.
Дали во СДСМ има поделби околу начинот на кој ја води партијата и Владата актуелниот премиер Димитар Ковачевски, кој дојде како речиси анонимен политичар на највисоката функција, требаше да претставува мост или компромис помеѓу различните крила, се шпекулираше дека имало судир меѓу „Заевисти“ и „Бранковисти“ и колку тој се справува со овие искри за да овозможи непречено функционирање на сите државни институции кои се под ваша надлежност?
Богоев: Бидејќи веќе во трето прашање прашувате за некакви поделби чувствувам потреба директно да одговорам: Нема поделби во СДСМ, тоа е само желба на ВМРО-ДПМНЕ која нема да се оствари.
Што се однесува за функционирањето на државните институции доволно е да се навратиме само во изминатата година, во време на најголема светска и економска криза и одговорот е јасно ДА.
Да не заборавиме дека со почеток на воената агресија врз Украина не се знаеше дали ќе има доволно струја, парно, леб, храна, гориво. Не само што имаме доволно, туку ниту еднаш не се случи нешто да недостасува. Не само што нема рестрикции на струја туку домашното производство го покачивме за 30%. Во јануари имаме рекордно најголемо производство на струја во споредба со изминатите 10 години, на дневно ниво од 21.299 мегават часови. Не само што не увезуваме струја туку и извезуваме вишоци на енергија. Не дозволивме струјата да поскапи оваа година а обезбедивме поволни сметки за училиштата, болниците, јавните установи. Спречивме ценовни шокови за граѓаните и за индустријата. Државата субвенционира 80% од цената на електричната енергија. Со зелената транзиција во енергетиката оваа година се инсталирани 150 мегавати зелена енергија од обновливи извори. На сето ова ги додадавам и политиките на СДСМ за покачување на платите, минималната плата ја покачивме, просечната, пензиите. Оваа година повторно ќе имаме покачување и на минималната плата и на пензиите. 2022 е година на најголема реализација на капитални инвестиции досега, во вредност од 465 милиони евра. И покрај тоа што минатата година ја одбележа светска економска криза, реализирани се речиси 90 отсто од планираните капитални проекти, што е највисок процент во споредба со претходните 10 години.
Овие бројки повеќе од доволно говорат за ефикасноста на институциите на Владата предводена од премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Поучени од компромисите за „осумтемината за Преспанскиот договор“ со амнестии и бенефиции за тие кои гласаа за „Северна“, дали и понатаму по секоја цена би оделе да ги спроведете новите барања за промени на Уставот и колку тоа ќе и нанесе штета на СДСМ како партија која „постојано ги жртвува националните интереси – знаме, име, идентитет, национална историја“ но, и на државата која нема гаранции дека понатаму нема да има нови уцени и диктати од други држави, за толку посакуваното членство во ЕУ?
Богоев: СДСМ е државотворна, државничка партија која што единствена го штити државниот и националниот интерес. Тоа е така од независноста па се до денеска. Благодарение на државничките политики на СДСМ успеавме без испукан куршум да стекнеме независност, меѓународно признавање и етаблирање. После 11 години во изолација и враќање назад, со државничките политики на СДСМ го решивме деценискиот спор кој не влечеше надолу и тргнавме напред.
Станавме членка на НАТО, ја обезбедивме сигурноста, стабилноста и безбедноста на сите наши граѓани и седнавме на масата рамо до рамо со најсилните, највлијателните држави во светот, во најголемиот безбедносен сојуз. Денес со руската агресија во Украина сфаќаме колку е битно што сме членка на НАТО. Нашите деца и нашата држава сега ги штитат најголемите светски воени и политички сили. Конечно, после 17 години во чекалната, токму со политиките на СДСМ започнавме преговори со ЕУ. За нас, Македонците, она што е исклучително важно започнавме преговори со ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет. Потпишавме Договор со ЕУ со којшто македонскиот јазик се крена на ниво на јазиците во ЕУ. Нема поголем патриотизам од тоа да ја обезбедиш иднината на државата, да го обезбедиш македонскиот идентитет и јазик во големото европско семејство и да обезбедиш членство во ЕУ за подобар живот на сите наши граѓани.
Патриотизам е да имаш безбедна држава и да работиш за повеќе пари кај граѓаните и подобро утре на нашите деца. Лесно е да си популист како Апасиев и Мицкоски и да ветуваш нереални работи во кои ни ти не веруваш само за да добиеш глас повеќе, не размилсувајќи на штетата што ја правиш на граѓаните и на државата.
Еве сега е објавено дека Европската комисија предлага да и се додели макрофинансиска помош на Македонија во висина од 100 милиони евра. Пред неколку дена добивме околу 50 милиони евра. Е тоа е патриотизам, тоа се придобивките од почетокот на преговорите со ЕУ.
Што се однесува до уставните измени, сметам дека е одговорност на сите 120 пратеници. Потребни се уставните измени како чекор за продолжување на европскиот пат. Во земјава има два концепти, едниот проевропски кој го предводи СДСМ и вториот анти-европски во којшто се Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Единствена опција која се противи на членството во НАТО и ЕУ во моментов се раководствата на ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Според информациите со кои располагаме има проевропско крило и во ВМРО-ДПМНЕ кое не се согласува со анти-европските политики и деструктивноста на Мицкоски и ги потиткнувам да се охрабрат, да преземат чекор и заедно да ги донесеме одлуките за иднината на државата.