Соопштение за јавност
ВМРО-ДПМНЕ управува со 50 општини и треба да се фокусираат на работата на нивните градоначалници, кои гледаме дека ништо не работат. Токму затоа зборуваат само на тема избори. Мицкоски треба да се фати за работа наместо само да бара избори, рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање.
-Јас упатив порака дека ВМРО-ДПМНЕ управува со 50 општини, дека треба да се посветат на работа во општините. Бидејќи гледаме дека таму ништо не се случува. Затоа зборуваат за избори. Тие започнаа со настани по хотели, каде презентираа што е направено од претходните градоначалници ги сметаа за свои проекти. Тоа беше првиот февруари откако дојдоа на власт, потоа почнаа да се караат меѓу себе и го гледавме тоа што се случуваше во Скопје меѓу раководството и градоначалничката од редовите на ВМРО – ДПМНЕ за сега сите активности да ги замрат и единствена тема на која зборуваат се предвремени избори. Однесувањето на Мицкоски ме потсетува на внук ми Никола, на кого му зборувам земи книгата и учи за да напредуваш, а тој ми вика купи ми плејстејшн. Што и да му кажам на внук ми, тој само плејстејшн бара. Мицкоски треба да се фати за работа наместо постојано да бара избори, порача Ковачевски.
Прашањето за предвремените избори е затворено, изборите ќе бидат во редовниот термин во 2024 година, додаде Ковачевски и потсети дека парламентарното мнозинство е зголемено.
-Мицкоски тврдеше дека има парламентарно мнозинство од 61 пратеник за да оваа Влада веќе не продолжи, на крај се покажа дека оваа Влада има зголемено парламентарно мнозинство со реконструкцијата на Владата од 65 пратеници. Со тоа прашањето на предвремени парламентарни избори е затворено и како што кажав од прв ден, изборите ќе бидат во нивниот редовен термин. Прво претседателски избори на кои ќе победи кандидатот предложен од коалицијата предводена од СДСМ, а потоа и парламентарни избори на кои повторно оваа коалиција ќе формира проевропска Влада во Македонија, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.