fbpx

Колумна на Перо Костадинов: БОРБАТА ЗА СОЦИЈАЛНА ПРАВДА Е ЗАЕДНИЧКА ОБВРСКА

Facebook
Twitter
LinkedIn

БОРБАТА ЗА СОЦИЈАЛНА ПРАВДА Е ЗАЕДНИЧКА ОБВРСКА

​Зад нас е месец на значајни датуми кои поттикнуваат на рамноправност и инклузија, како вредности во кои веруваме и на кои сме посветени. Се работи за Меѓународниот ден на жената и Меѓународниот ден на лицата со Даунов Синдром. Како датуми се потсетник за суштинските процеси кои сме ги започнале и од кои не треба да отстапиме.

​Прашањата за правата на лицата со попреченост не се споредни. Се работи за значајни прашања кои ја отсликуваат состојбата во едно општество, како и човечноста на индивидуите и нивниот капацитет за праведност.

​Лицата со Даунов Синдром, нивните права како и правата и можностите на сите останати лица со попреченост се показател, колку општеството е хуманизирано, како и колку е подготвено да се развива во иднина. Дали истото е втемелено врз основите на солидарноста, праведноста и човечноста како вредности, или пак напротив, колку истото развива ретроградни процеси, ја негува неправдата, нема капацитет за доброто и стреми кон распаѓање.

​Сведоци сме на голем број исклучувања, дискриминација во разни облици и непрепознавање на нивните потреби. Државата ја држи темата отворена и бара начини да ги промени состојбите кон подобро. Групните домови, персоналната асистенција, дефектолозите и сите стручни соработници во образованието, како и финансиската поддршка, се само дел од мерките кон целта која ја имаме поставено. Особено е важна улогата на семејствата со лице со попреченост и здруженијата на граѓани кои го држат општеството будно по ова прашање и директно учествуваат во процесите кои ги водат институциите. Искрено верувам во посветеноста на сите, кон прашањето за правата на лицата со попреченост и потенцијалот на целокупната заедница да се развива преку солидарноста и емпатијата како универзални вредности.

​Втор значаен датум од месецот зад нас, е Меѓународниот ден на жената. Се работи за ден кој ја симболизира борбата за еднаквост и ефикасноста на женскиот активизам наназад низ годините. Денот на жената не потсетува на пркосот на обесправените и баналноста на обесправувачките норми кои опстојуваат со векови.

​Имено, историјата на машко-женските односи нè учи дека жените традиционално владееле со домот, додека мажите со јавната сфера. Крајот на 19 и почетокот на 20 век е одбележан како период во кој жените покажуваат интерес за политичките права и учество во креирањето на јавната сфера. Преку бројни протести во тој период, жените бараат право на глас бидејќи веруваат дека со тоа можат да влијаат на државната политика и на севкупните состојби. Овие се процеси кои отсликуваат еден период на трансформација и демократизација на општествата низ најголемиот дел од светот.

​Како заедница, одбележуваме период на големо движење во сферата на женските права. Се менуваат законите, се зајакнуваат капацитетите и се поставуваат стандарди за присуство на жените во политиката. Заедно креираме систем кој е праведен и поттикнува на еднаквост. Особено учество во процесите на позитивна трансформација имаат жените социјалдемократки и активистките на кои им честитам за посветеноста кон целта која е поставена пред нив.

​Жените во политиката отвораат нови перспективи и секогаш ја препознаваат суштината. Тие водат, вклучуваат и победуваат.

​Ова борба е заедничка. Целта е иста. Повеќе жени на највисоките политички функции, повеќе жени во бизнисот, повеќе жени во правосудството и сите останати сфери. Сите заедно да создадеме заедница на рамноправни. Да ги отфрлиме стереотипите на минатото и да оставаме пример за генерациите по нас.

​Двата меѓународни денови зад нас, се само потсетник за потребата од истрајност по патот на трансформација по кој чекориме. Праведноста и хуманоста во заедницата е обврска за секој еден од нас.

​Општество на солидарност, емпатија и социјална правда е наша врвна цел. Да ги поддржуваме ранливите групи граѓани, да создаваме свет на силни индивидуи со еднакви права, да подаваме рака на секого кому е потребна и да не оставаме никој по патот кој го чекориме. Важно е да останеме луѓе, да ја негуваме човечноста, да не маргинализираме никого и да бидеме позитивен пример за наредните генерации.

Последни вести