Обраќање,
Стево Пендаровски, заеднички кандидат за Претседател на Република Северна Македонија
Скопје, 14.04.2019
Добар ден Скопје!
Добар ден слободни, храбри граѓани на Република Северна Македонија!
Ова слика на заедништво покажува дека патот е поставен, дека правецот е исправен.
И како секој ден досега, и денеска покажуваме колку сме сплотени, колку сме подготвени да продолжиме ЗАЕДНО НАПРЕД!
Драги присутни, драги пријатели,
Со години чекоревме по овие улици со надеж и верба дека ќе се ослободиме од стегите на режимот, кои ја гушеа слободата, ја кршеа демократијата и ја заробија државата.
И еве не денес. Ги фрливме стегите на режимот на буништето на историјата и сега чекориме по патот на интеграцијата, економски развој и севкупниот општествен напредок.
На тој пат не сме осамени. Погледнете околу вас, илјадници други стапки го чекорат истиот пат по кој одиме. И денес исто како и претходно одиме заедно напред.
Градиме едно општество за сите и горди сме што тој концепт веќе е препознаен како концепт за успех и прогрес.
Градиме општество во кое сите се еднакви пред законите и институциите. Определени сме за правна држава во која нема место за криминал и корупција.
Позитивните промени што започнаа пред неполни две ипол години во целост ја сменија сликата за нашата држава.
Од држава заробена во изолација, во неизвесност и во несигурност, денеска сме препознаен и признаен партнер на демократскиот свет.
Презедовме одговорност, донесовме тешки одлуки. Децениските отворени прашања ги затворивме во интерес на државата, во интерес на граѓаните, во интерес на иднината.
Со секој ден се сме поблиску до масата на која се одлучува. Денес, членството во ЕУ и НАТО не се само далечна неостварена цел, туку реалност што од ден на ден се остварува.
Ја вративме државата, ги вративме институциите на граѓаните и тие работат денес единствено во нивен интерес.
Но, промените што ги започнавме мораат да продолжат. Пред нас се секојдневни предизвици кој заеднички ги решаваме за да обезбедиме подобро утре, подобро утре за државата, но пред се за сите нејзини граѓани.
Затоа треба да продолжиме заедно, не затоа што така мора, туку затоа што единствено така е исправно.
Почитувани пријатели, што сте по националност, што сте по верска припадност, каква е вашата социјална состојба, дали сте дел од власта или од опозицијата – ќе ми биде важно, само ако некој посегне да ви ги одзема правата што ги имате како рамноправни граѓани на оваа држава. Вашата правда е и моја правда. Вашата неправда – ќе биде и моја грижа.
Се обврзувам, како и досега, да водам политики на заедништво, а не на политики на поделби. Мојата искрена заложба е да се почитуваме, а не да се мразиме. Имам намера да помирувам, а не да разгорувам конфликти.
Како претседател на државата подготвен сум да водам напред. Неуморно да работам на довршувањето на процесот на нашето членство во НАТО, да бидам предводник на реформските процеси што ќе доведат до скоро членство на нашата земја во Европската унија.
Моето делување нема да се заснова на непостоечки митови и реконструирани легенди, туку на реална, современа политика на интеграција.
Сведоци сме самите, дека од другата страна, од страна на мојата противкандидатка нема реална понуда, нема ништо што би значело прогрес, развој, иднина. Не, таму има само враќање назад, уназадување и одење во темното минато е дел од нашата историја и не сакам ни да го споменуваме, а не пак да го повторуваме тоа лошо, историско искуство.
Противкандидатот, Гордана Сиљановска ниту сака, ниту може да биде претседател на сите граѓани. Таа единствено сака да биде наследник на Ѓорге Иванов.
Наследник на Ѓорге Иванов не ни треба. Не ни треба уште еден кочничар кој јавно се заканува дека ќе ја повлече државата назад.
Со помош на сите вас ја извадивме нашата држава од темното минато. Профункционираа институциите. Се смиривме со соседите – со договорите со Бугарија и со Грција на европски начин, дадовме пример за регионот и светот.
Низ компромис, најдовме решенија за отворените прашања. Се помиривме и дома. Ширум го отворивме перспективите кон НАТО и Европската унија. Цела меѓународна заедница, целиот демократски свет ни честита за одважност и мудроста со коишто донесовме мудри и правилни, стратешки одлуки.
Како резултат на тоа, и економијата тргна во нагорна линија. Бележиме рекорден износ на странски инвестиции, растат платите во сите сектори, а невработеноста се намалува.
Сериозни чекори преземаме младите да останат тука, тука да работат, да се школуваат и тука да градат кариери и семејства.
Како иден претседател немам намера да ги следам негативните искуства од минатото туку само позитивните политики кои ќе ги носи оваа или било која следна влада.
Подготвен сум да бидам претседател во вистнска смисла на зборот. Во мојата програма објавив осум клучни проекти кои ќе започнат со реализација уште во првите осум месеци од мандатот.
Ги поддржувам политиките на Владата и на одлуките на Парламентот што носат нови и добро платени работни места, нови директни домашни и странски инвестиции, социјална сигурност, грижа за ранливите групи во нашето општество и севкупен економски и социјален развој.
Сето ова ќе се интензивира со членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.
Почитувани пријатели,
Имаме неповторлива можност, како генерација да оставиме трајно наследство зад нас – обезбедена и сигурна држава партнер на демократскиот свет, рамноправен дел од најзначајните светски сојузи.
Оние кои мислат дека без ЕУ и НАТО можеме да ги решиме децениските проблеми со иселувањето, проблемите од социјално – економска сфера, дека може да ја обезбедиме сигурноста и стабилноста, се лаже себеси, не лаже нас, ги лаже сопствените деца.
Од осамостојувањето до денес, еден е патот кон прогрес. И тој води до ЕУ и НАТО.
Почитувани пријатели, немаме веќе генерации за губење.
Затоа, нема да и дозволиме на политичката опозиција да не вратат од патот по кој чекориме. Затоа што враќањето назад нема, на долг рок тоа ќе ги замрзне интеграциите, враќањето назад ќе не врати во мрачните времиња на поделби, на конфликти на нестабилност.
Затоа, на сите оние кои сакаат да не вратат назад, гласно од тука, од сите грла да им порачаме дека НЕ САМО ШТО НЕМА ДА СЕ ВРАЌАМЕ НАЗАД, ТУКУ СИТЕ ЗАЕДНО ЌЕ ОДИМЕ НАПРЕД!
Почитувани присутни,
Денеска овде, пред илјадници вас собрани во центарот на главниот град, не барам само поддршка за да станам претседател на државата.
Денеска, пред вас ја барам поддршката за концептот зад кој стојам, а тоа е концептот на иднината, а тоа е концептот на едно општество за сите.
Да покажеме одговорност пред иднината, но и пред нас самите. Да им покажеме на сите оние кои се сомневаат, а кои за среќа се во многу помал број, дека можеме Заедно Напред.
Ова не се обични избори за Претседател. На овие избори избираме сигурна опција, избираме да продолжиме по автопатот на иднината. Сето друго е споредна улица која води во провалија.
Јасно ми е дека сите вие овде присутни знаете кој е вистинскиот избор за вас и вашите деца и внуци.
Знам и јас и затоа одовде од срцето на Скопје сакам да ве повикувам да дојдете, да се приклучите, да продолжиме сите заедно напред!
Да му покажеме на светот дека можеме на избори фер, слободно, демократски и достоинствено да го потврдиме досегашниот успех и заедно да го завериме билетот за подобра иднина.
НА 21 АПРИЛ И НА 5 МАЈ ОЧЕКУВАМ УБЕДЛИВА ПОБЕДА И ОВДЕ ВО СКОПЈЕ, ВО СИТЕ ОПШТИНИ ВО ДРЖАВАТА.
ОЧЕКУВАМ ВАША СИЛНА ПОДДРШКА И ОД МАКЕДОНЦИТЕ, АЛБАНЦИТЕ, ТУРЦИТЕ, СРБИТЕ, РОМИТЕ, ВЛАСИТЕ, БОШЊАЦИТЕ И СИТЕ ОСТАНАТИ. ЗАТОА ШТО САМО ЗАЕДНО ГАЗИМЕ НАПРЕД!