fbpx

Интервју на Адеми за порталот Публикум.мк

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на Едмонд Адеми, член на Извршниот одбор на СДСМ за порталот Публиком.мк

 

ПУБЛИКУМ: Кој е Вашиот став околу можната застапеност на активисти на „Шарената револуција“ на кандидатските листи на СДСМ и коалицијата за претстојните избори, кога и да тие се случат?

Адеми: Активист на „Шарената револуција“ сум и јас. Активисти на „Шарената револуција“ се сите оние илјадници граѓани на Република Македонија кои протестираа низ улиците на сите градови во државава. Никој го нема монополот кон тоа граѓанско движење што ја одбележа оваа пролет во Република Македонија, а уште поважно, тоа движење е, и ќе остане дел од современата македонска политичка историја, како симбол на ненасилна борба за слобода, демократија, правда и солидарност.

Партијата, под раководство на претседателот Зоран Заев, во изминативе три години целосно се отвори кон сѐ она што значи прогресивни сили во Македонија, интелектуалци, граѓански активисти и сите други кои сакаат една поинаква Македонија и кои сакаат да помогнат во победата над режимот на ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ. Се разбира, СДСМ е носечкиот столб на таа борба и во ова време на невреме, поддршката, соработката, заедничкото делување на сите прогресивни сили е повеќе од потребно. Пред нас како граѓани е историска шанса, од која ќе зависи каква ќе биде нашата иднина, иднината на нашите деца, иднината на Македонија во целина.

Инаку, што се однесува до кандидатските листи, во партијата сѐ уште не сме разговарале на таа тема. Рано е. Пред неколку дена Централниот одбор на партијата го донесе правилникот за процесот на кандидирање кој ќе се одвива низ органите и телата на партијата. Убеден сум дека на крајот од процесот ќе имаме многу квалитетни листи, со квалитетни луѓе кои ќе бидат движечката сила на промените што ќе се случат на 11 декември.

ПУБЛИКУМ: Информациите велат дека последните анкети кои партиите ги прават пред сѐ за интерна употреба, покажуваат значително намалување на предноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ. Што треба да се случи за да дојде до целосен пресврт? Дали СЈО ќе биде решавачкиот фактор, или пак опозицијата има капацитет и без негова помош да го симне режимот од власт?

Адеми: И не само анкетите. Јас сум секојдневно на терен низ цела Македонија, по градови и села, се среќавам со многу луѓе и расположението на терен покажува дека граѓаните сакаат промени, дека сѐ е спремно за промени. И не само што е спремно, туку сите тие со својот глас за опозицијата на 11 декември ќе бидат дел од таа промена.

Луѓето се уморни од оваа власт. Уморни се од лагите, манипулациите, криминалот и теророт кои ги трпат 10 години. Гневни се на секојдневните казни кои по разноразни основи им ги испорачува власта. Истоштени се. Физички, психички, економски. Лошите економски политики и агресивната казнена политика на оваа власт им ја уништија денешнината и не им нуди никаква иднина.

Вие денес, после 10 години власт на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, немате ниту една, ама ниту една единствена позитивна перформанса на оваа Влада. Во ниту една област.

Заради оваа власт над 600.000 граѓани во овие 10 години се иселија од Македонија. Најголем дел се млади. Го уништија образованието, здравството, земјоделието, културата, животната средина. Уништија илјадници мали и средни бизниси. Уништија семејства. Сѐ што фатија уништија. Корупцијата и криминалот се нивни заштитен знак.

Единствената реформа која ја направија е таа на сопствениот џеб и на џебовите на нивните семејства. Ненормално богатење, наспроти енормното осиромашување на граѓаните.

Така што на 11 декември промените ќе се случат. Режимот ќе биде победен.

ПУБЛИКУМ: Што ако заради некакви субјективни причини (укинување на СЈО, проблематизирање на Избирачкиот список или некоја трета околност), владејачката коалиција испровоцира одлагање на изборите? Има ли опозицијата „План Б“?

Адеми: Да, иницијативата пред Уставниот суд за укинување на СЈО, виси како Дамоклов меч над целиот процес. Лично, не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ преку контролата што ја имаат над Уставниот суд, ќе посегнат по тоа да го укинат Специјалното обвинителство, но не исклучувам во целост и таков развој на настаните. Ако го цитирам Ставревски кога вели дека тие се “лудаци“, може да има и таков развој на настаните.

Доколку тоа се случи, тоа ќе биде салто мортале за ДПМНЕ и ДУИ и тука веќе мислам дека народот сам ќе си ја превземе работата во свои раце. Тука, со политиката и со некакви дополнителни преговори и разговори, е завршена приказната.

ПУБЛИКУМ: Имам впечаток дека во последно време на Вашата партија ѝ се приклучуваат сѐ поголем број граѓани од албанската, турската и другите етнички заедници во РМ. Дали можеби тоа што СДСМ полека добива мултиетнички карактер треба да значи дека концептот на еднонационални политички субјекти е во фаза на одумирање? Дали тоа ќе придонесе за подобрување и зацврстување и на меѓуетничките односи во државата?

Адеми: Вашата констатација е точна. Не е само впечаток, туку и реална состојба. Во изминативе година и пол, преку 9.000 нови членови, Албанци-граѓани на Република Македонија, му се приклучија на СДСМ. И не само Албанци, туку и Турци, и Роми, и Срби, и Власи. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија прераснува во вистинска, европска, граѓански ориентирана политичка партија. Впрочем како што и доликува на една левичарска, социјалдемократска партија.

Дали целосно ќе одумрат еднонационалните партии, не верувам, но дефинитивно ќе бидат маргинализирани.

За мене, концептот на социјалдемократијата и концептот на мултиетнички партии е иднината на Република Македонија. За тоа зборувам и се залагам цели 24 години, од 1992 година, од кога и сум член на СДСМ. Денес можам да бидам горд на своите ставови за кои се залагав и се залагам сиве овие години, бидејќи денеска гледам дека огромно мнозинство од граѓаните на Република Македонија мислат слично. Што, да бидам искрен, не беше случај во почетокот на 90-тите години.

Република Македонија е заедничка држава на сите нејзини граѓани, независно од етничката и верската припадност и сите ние треба да ја чуваме, пазиме и градиме заедно, да сфатиме дека под оваа сонце кое подеднакво нѐ грее, има место за сите.

ПУБЛИКУМ: Истовремено, интенција на партијата на која ѝ припаѓате е изградба на граѓанското општество. Постои ли во моментов во Македонија „плодна почва“ за таа идеја?

Адеми: Апсолутно! Знаете, граѓанското општество може да биде веднаш, а може да не биде и никогаш. Тоа пред сѐ зависи од волјата и вистинската желба да се искористат предностите на различностите.

Во изминативе 25 години, многу често политичарите сакаа да се пофалат со мултиетничноста, мултиконфесионалноста, мултинационалноста на нашата држава. Но во пракса беше поинаку. Од таквите концепти се бегаше, што

заради страв, што заради немање храброст од страна на политичарите, а најмногу заради тоа што најлесно е да играш на етничката карта, на картата на национализмот и така да добиваш политички поени за избори. Тоа што после изборите истите тие немаа проблем да коалицираат, тоа е лицемерие.

Како партија, имаме историска шанса да ги исправиме работите и да го предводиме овој процес на изградба граѓанско општество со сите нишани. Искрени сме во нашите заложби да градиме граѓански концепт и да зачекориме по патеките на вистинските демократии. Тоа можеме само на еден начин, а тоа е: Едно општество еднакво за сите.

Оваа држава, ова општество, е предодредено да биде мултиетничко и мултиконфесионално, и како такво е богатство кое треба да се негува и гради.

ПУБЛИКУМ: Пред извесно време, Академскиот економски конгрес во соработка со „Life Learning Academia“ Ви ја додели почесната титула „Амбасадор на знаењето“. Со што ја заслуживте оваа престижна награда? Или поконкретно, за кој Ваш ангажман словенечкиот министер Здравко Почивалшек Ви ја врачи наградата?

Адеми: За мене тоа едно големо признание за сѐ она што сум го работел во изминатиот период од неколку години, како личност од јавниот живот во Македонија но и во регионот. Наградата е конкретно врзана за периодот кога го водев Институтот за политички истражувања Либерта и кога преку тој Институт објавувавме политички анализи, проценки и предвидувања и за Македонија, но и за државите од регионот. Оваа награда дополнително ме мотивира уште повеќе да опстојам на она за што сум се залагал и за што се залагам и дека борбата за она во што веруваш, на крајот на денот, сепак дава резултат.

Последни вести