Соопштение за јавност
Инцијативата со предлог уставните измени е во Влада по што таа ќе се испрати во Собранието, изјави денеска во гостување во вестите на Канал 5 Телевизија, потпретседателката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска.
Одговарајќи на новинарско прашање, околу преговарачката рамка, потпретседателката посочи дека таа не може да се менува и дека Христијан Мицкоски свесно ја лаже и замајува јавноста.
„Нивните предлози се нешто што ги демантираат и од ЕУ, односно она што го кажа и Сарацин, дека преговарачката рамка не може да се репреговара, а тоа е она што лидерот на опозицијата упорно го тврди. Единствениот начин утврден со преговарачката рамка е овој и се она што Мицкоски и ДПМНЕ го пласираат во јавност е една многу голема лага, голема невистина и не е во ред да го замајуваат народот дека тие било што ќе направат поинаку кога би дошле на власт. Еве имаат можност, понудени им се пет министерски места, премиерот Ковачевски го понуди и премиерското столче, само и само за да можеме да го продолжиме патот по кој што сме тргнале. Се разбира дека доколку тие го потврдат предлогот на премиерот Ковачевски, треба да формираат една група на највисоко политичко ниво која што понатаму ќе ги продолжи разговорите по предлогот кој што беше даден од страна на премиерот. Што значи дека сите услови кои што тие ги побараа и на нив е само да прифатат и да продолжиме понатаму“ порача Костадиновска.
Таа повика на разум и одговорност од сите политички субјекти, од сите пратеници, затоа што членството во ЕУ е далеку поголемо од чиј било личен интерес.
„Морам да кажам дека се работи за нешто што е многу поголемо од какви било лични интереси, зборуваме за државнички одлуки, храбри одлуки. Одлука која што ќе значи премногу за иднината на нашата држава и јас се надевам дека ќе надвладее разумот и перспективата на оваа држава кај секој еден од пратениците и дека со ваквите уставни измени ќе се докаже она што ние цело време го кажувавме во изминатиот период, дека нашите позиции се стабилни, дека нашиот јазик, култура, идентитет се и тоа како зацврстени што го покажуваат и многубројните резолуции кои што доаѓаат по однос на тоа прашање.“ заклучи Костадиновска – Стојчевска во интервју за Канал 5 Телевизија.