Соопштение за јавност
-На 30 септември можеме со нашиот глас да обезбедиме Македонија да стане 30-та земја членка на НАТО. Генералниот секретар Јенс Столтенберг денеска јасно кажа – 29 најмоќни земји членки на Алијансата чекаат да го постават јарболот со 30-тото знаме, на Македонија. Одлуката е наша – рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска на трибина во Чаир.
Поддршката од земјите членки на ЕУ и НАТО е силен поттик за Македонија, но дали ќе ја искористиме шансата зависи од граѓаните – порача министерката.
-Денеска во посета на Македонија беше Столтенберг и тоа втор пат за 9 месеци, што досега не се случило. Доаѓаат австрискиот премиер Курц, германската канцеларка Меркел. Светот ја гледа Македонија како нова надеж , ЕУ и НАТО ги отворија вратите, но одлуката дали ќе го пречекориме прагот е наша. На 30 септември одлучува секој од нас. Убедена сум дека мнозинството граѓани сака нашата држава да биде стабилна и рамноправна членка на ЕУ и НАТО, каде нашите деца ќе ги имаат истите шанси со нивните врсници од земјите членки – рече министерката.
Таа зборуваше за придобивките кои на Македонија ќе и ги донесе членството во ЕУ и НАТО – безбедност и стабилност, повеќе работни места и подобра економија. Инвестициите во Црна Гора по влезот во НАТО се зголемија двојно, процентот на туристи од земјите членки е зголемен. НАТО и ЕУ се гаранција дека ќе продолжиме да ја градиме Македонија во модерна земја во којашто владее правото, има ред и закон—подеднакво за сите – рече Шекеринска.
Чаир е етнички мешана средина и тука луѓето зборуваат на различни јазици и се разбираат меѓу себе. Знаеме колку ни прави чест кога другите ни го знаат и признаваат јазикот. Чаир е пример за тоа. Кога Македонија ќе биде членка во ЕУ и НАТО, македонскиот јазик ќе биде официјален јазик во ЕУ и ќе се признава во НАТО – рече министерката.
Шекеринска во Чаир порача дека може да честита како граѓаните на Македонија за време на кризата и по неа покажаа дека знаат да се обединат.
Одговарајќи на прашање на присутните, таа порача дека кога станува збор за интересите на граѓаните, партиските интереси мора да се стават на страна, а да се нема став за толку важно прашање како што е референдумот за иднината на државата, е политички неодговорно.
Шекеринска ги повика сите граѓани да излезат ЗА европска Македонија на референдумот на 30 септември.