Соопштение за јавност
Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија вчеравечер ја одржа четвртата седница.
На седницата беше усвоен Извештајот за Локалните избори 2017 поднесен од Централниот изборен штаб.
Во Извештајот се опфатени активностите и политичкото делување на СДСМ во предизборниот и изборниот период, вредностите на партијата, кампањата за локалните избори и изборните резултати. Меѓу другото, во извештајот се констатира дека граѓаните ги препознаа чесниот пристап, домаќинското работење и спроведувањето политики во интерес на граѓаните, се искажува благодарност до граѓаните за силната поддршка и истовремено се нотира подготвеноста на партијата дадената доверба да ја канализира во исполнување на реформите за живот за сите.
Поддршката што ја добивме на овие фер и демократски избори ја покажа исправноста на политиките и јасната определба на СДСМ за реформи, евроатлантска интеграција и повисок животен стандард за граѓаните. Оваа поддршка е дополнителна обврска за нас да продолжиме да работиме уште повеќе посветено, во интерес на сите граѓани, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев во обраќањето пред членовите на Централниот одбор.
„Во наредниот период ќе го вградиме целокупниот легитимитет добиен од граѓаните на последните избори во придвижување на економските и реформските процеси, за граѓаните да имаат повеќе пари и повисок животен стандард. Покажавме дека сме успешни во надворешната политика, а тоа ќе го покажеме и на внатрешен план преку реализација на програмата што носи живот за сите. Чесниот и домаќински пристап ќе продолжи и на локално ниво“ порача претседателот Заев.
Централниот одбор на партијата донесе Одлука за распишување на внатрепартиски избори на органите и носителите на функции во општинските организации на СДСМ и градска организација на СДСМ – Скопје.
Согласно Статутот на партијата беа донесени одлуки за начинот, постапката, роковникот и критериумите за кандидирање и избор на членовите на органите и носителите на функции во општинските организации на СДСМ и градска организација на СДСМ – Скопје.
Согласно Роковникот, постапката за избор на органите и носителите на функции во општинските организации на СДСМ и градска организација – Скопје започнува на 27 ноември, а завршува пред крајот на 2017 година.
Членовите на ЦО на СДСМ дискутираа за актуелната политичка состојба во Република Македонија и темпото на спроведување на реформите, во интерес на граѓаните. Претседателот Заев ги информираше членовите на Централниот одбор за политичките разговори со дел од коалициските партнери и изрази очекување дека до крајот на овој месец ќе се донесат одлуките за пополнување на потребните кадровски решенија, за местата што се испразнија по локалните избори.