Соопштение за јавност
„Статистиката покажува дека Виница е еден од Македонските градови од кој се отселуваат најголем дел од младите луѓе. Тоа кај нас, како централна власт, го уклучи алармот и мораме тука да насочиме домашни и странски инвестиции, кои ќе резултираат со отворање на нови работни места, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“ Зоран Заев во синоќешното обраќање пред жителите на Виница.
„Заедно, со новата локална власт ќе работиме на многу економски проекти овде во Виница. Овде имаме сериозен потенцијал. Ќе дадеме директна поддршка на секој домашен и странски инвеститор до 30 отсто повраток на парите на инвестицијата, само нека вложуваат овде, да отворат нови работни места овде во Виница“, им порача Заев на Виничани.
Тој ги повика младите да останат во нивниот роден град, бидејќи како што рече, централната власт и Парламентот во целост ќе ја поддржат реализација на програмата за развој на Виница на идниот градоначалник Ивица Димитров.
„Почитувани млади луѓе Вие сте нашата моторна сила, Вие сте нашиот генератор на развојот. Останете овде, има пари да ве поддржиме. Со чесно работење ќе алоцираме сериозни милиони евра за поддршка на младите“, им порача Заев на младите.
Заев потенцираше дека Виница покажала свесност и присебност. И затоа тој уште еднаш ги повика жителите за една седмица да ја заокружат победата, бидејќи добиеното мнозинство во Советот на општината е потврда дека Ивица Димитров ќе биде новиот градоначалник на Виница.
„Со блесокот на победата во цела Македонија многу граѓани во Виница кои што останаа дома или беа приморани, им беше незгодно, се чувствуваа обврзувачки или им се заканиле да гласаат за власта, видоа дека е лага, дека не е невозможнo, дека промените можат да се случат. Сега и на нив им е јасно“, истакна Заев.