fbpx

Тренчевска побара оставка од Таравари по сите скандали во здравството

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Тренчевска побара оставка од Таравари по сите скандали во здравството

Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска од собраниската говорница, во рамките на седницата за пратенички прашања упати прашање до министерот за здравство Арбен Таравари, во врска со бројните скандали во здравството и здравствениот систем кој е пример за хаос, неизвесност и страдање на пациентите.

Во продолжение интегрален текст на прашањето:

„Заштитата на здравјето на граѓаните во секоја одговорна држава е највисок приоритет. Обезбедувањето здравствен систем во функција на граѓаните не е само само прашање на хуманост, туку и одговорност на секоја Влада – здрава нација значи продуктивна нација и тоа е основа за напредокот на секоја држава.

Но, овие вредности се далеку од приоритетите на македонската влада.

Наместо функционален и стабилен здравствен систем, столб на сигурност- нашиот здравствен систем е пример за хаос, неизвесност и страдање на пациентите.

За 10 месеци оваа Влада и министерот за здравство Таравари, го доведоа до степен на „тешко болен пациент, на кој му нема спас“. Секој сектор од здравството е метастазиран од неспособноста и негрижата на власта, а граѓаните со здравјето го плаќаат цехот.

Наместо систем кој треба да се грижи за здравјето на граѓаните и да лекува, имаме систем кој го става во ризик животот на луѓето, систем кој убива.

Министре Таравари, поважни ви беа бизнис интересите отколку вистинските инвестиции во интерес на граѓаните.

Единствениот проект што го најавивте е најкриминалниот и скандалозен тендер за паркингот на клинички со компанијата Ѓока.

Тоа е единствен проект кој го најавивте и ви пропадна по реакциите на јавноста.

Наместо реформи и подобри здравствени услуги, сведоци сме на тотален хаос, хуманитарни катастрофи – кои за жал станаа секојдневие.

Речиси и да нема клиника која не се соочува со некаков проблем, дали е тоа терапија, опрема, персонал. Нема пациент кој не минува низ голгота кога му е потребна здравствена помош.

Ќе потсетам на неколку хуманитарни скандали:

Два пати за три месеци ја снемува биолошката терапија на Клиниката за онкологија за пациентите болни од канцер – тоа за нив живот значи.

Не го исполнивте ветувањето дека никогаш повеќе овие пациенти нема да бидат оставени без терапија. И повторно слушаме некои изговори за административни процедури, за тендерски планови, празни ветувања дека утре, задутре ќе се решел проблемот. Прашуваме кога?….

Знаете дека на овој начин се коцкате со животот на онколошките пациенти? Дека нивното здравје зависи од секоја доза, од секој ден…

Понатаму, пациенти умираат поради немање сали и здравствен материјал. Случајот на Кардиохирургија, за кој и Државниот здравствен и санитарен инспекторат потврди дека има пропусти.

Пациенти умираат поради нефункционалност на здравствениот систем.

Понатаму, да ве потсетам дека лани статистика за само шест месеци регистрираше 19 починати доенчиња и едно петгодишно девојче. Ова не се само бројки или статистики, ова се трагедии, на пред сè непочнати детски животи.

Задоценти се сега и инспекциските контороли и казни, тие нема да го вратат загубениот човечки живот.

Се прашувам министре дали знаете што ви се случува во здравството или периодов поважни ви беа калкулациите за локалните избори и решавањето на наводно отворените прашања за химната и грбот, а дури потоа фокусирање на проблемите како економијата, платите и здравството.

Тоа е доказ за вашата, а и на целата Влада, незаинтересираност и рамнодушност кон сопствениот народ.

За оваа хуманитарна катастрофа мора да има одговорност.

Моето прашање до вас министре Таравари е: Дали чувствувате одговорност за голготата што ја поминуваат пациентите заради нефункционалниот здравствен систем и дали ќе си поднесете оставка за сите скандали во здравството?“.

Последни вести