Интервју на претседателот на СДММ, Марко Михаилоски
Марко Михаилоски е ист како во политиката така и приватно. Завршив средно образование во Тетово, а потоа продолжив на факултет во Скопје. По професија сум дипломиран графички дизајнер, иако животните околности ме насочија во друга област, сепак дизајнот ми е пасија и слободното време го користам да дизајнирам, доста често и за потребите на СДММ.
Имам големо друштво, како во Тетово, така и во Скопје. Моите двајца најдобри другари се од Тетово, со нив се дружам од најмали нозе. Во СДММ запознав могу другари и пријатели кои станаа дел од мојот живот, за што сум бескрајно благодарен. Слободното време се трудам да го поминам со најблиските, пријателите и семејството, да прошетам во планина.
Што треба да очекува подмладокот на СДСМ за наредниот период, а што останатите ваши врсници надвор од партијата?
Заедно со мојот тим најпрвин се посветивме на зајкнување на организациската структура на СДММ, формиравме 7 нови локални клубови и воспоставивме уште понепосреден начин на комуникација со секој наш член.
Важно ни е мислењето на сите млади луѓе, не само на нашите членови, затоа преку локалните клубови сме во постојан контакт со младите луѓе на локално ниво, со младинските организации, со останатите политички подмладоци и со други неформални групи на млади.
Во рамки на СДММ се формираат сектори и комисии, во различни области, од чија работа треба да произлегуваат предлози за подобрување на животот и статусот на младите. Во следниот период ќе отвориме широка дебата за приоритетите и барањата на младите, заедно со нив ќе ги детектираме потребите на локално ниво и истите ќе ги преточиме во конкретни мерки и политики кои ќе бидат предложени до институциите за понатамошна имплементација.
Се ближи конгресот на СДСМ. Какво е вашето делување во периодот што следи и што очекувате после конгресот?
Во март ќе се одржат првите внатрепартиски непосредни избори за избор на претседател на СДСМ, што за прв пат се случува во нашата држава, а е одлика на прогресивна, модерна и европска партија. На изборите им претходи процес на ажурирање на членството, како и пристапување на нови членови во СДСМ и СДММ.
Младината е активно вклучена во овие два процеси, предлага свои членови во општинските комисии, младите се дел од тимовите за ажурирање кои на терен ги посетуваат сите членови и ќе имаат клучна улога во подготовка на изборниот процес и Конгресот на 21 март.
Како претседател на СДММ сум дел и од Централната изборна комисија, која што е задолжена да ги подготви сите услови за да може да се одржат Изборите за претседател на СДСМ на 21 Март.
По одржување на Конгресот и изборот на нови тела и органи на СДСМ, СДММ ќе го зајакне своето учество во рамки на СДСМ и во процесите на одлучување, бидејќи со последните статутарни измени учеството на младите во структирата на СДСМ е зголемено на 33%.
Која ќе биде улогата на СДММ во претстојните локални избори на есен?
СДММ преку отворен, инклузивен пристап ги следи барањата и потребите на младите, ги анализира и ги преточува во квалитетни, одржливи младински политики на локално и централно ниво. Веќе започнуваме со подготовки на изборната програма за претстојните локални избори, каде преку широк консултативен процес ќе ги вклучиме младите и ќе ги слушнеме нивните предлози за конкретни мерки и политики, специфични за општината во која живеат и истите ќе бидат преточени во програмата.
СДММ на овие избори ќе има свои предлози на листите за советници во Советите на општините, како и предлози за градоначалници кои доаѓаат од редовите на младината, затоа што веруваме дека младите мора да бидат на одлучувачки позиции и да имаат директно учество во креирањето на политки.
Јавна соба 1, јавна соба 2. По социјалните мрежи се шират фотографии со експлицитна содржина се уништува нечија приватност и нечиј живот. Како гледате на работите, стана ли ова тренд на живеење меѓу младите?
Јавна соба е сериозен проблем, во кој голем број на жени и девојки се жртви на родово засновано насилство, злоупотреба на лични податоци и повреда на приватноста преку објавување на фотографии и видеа без нивна дозвола. Ваквите случаи оставаат длабока траума во целото општество и затоа институциите мора да бидат посветени на адресирање и решавање на овие проблеми, како и на давање соодветна заштита, поддршка и помош на жртвите.
Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, Истанбулската конвеција, но и измените во Кривичниот законик треба да обезбедат поширока заштита и поефикасна превенција од насилство и казнување на насилниците.
Важно е да им веруваме на жртвите, да ги поддржиме, да не ги осудуваме и да застанеме заедно со нив. Дополнително, потребно е да се зголеми едукацијата на младите, за да ги спречиме овие негативни појави.
Во тек се преговорите за полагањето на матура кај учениците од четврта година. Според вас треба ли да се намалат бројот на предмети кои ќе се полагаат или евентуано треба да се смени цела концепција на полагање на државната матура?
СДММ го поздравува и силно го поддржува дијалогот помеѓу учениците и институциите и ќе продолжиме да се залагаме ваквите процеси во кои младите се на преговарачката маса и активно учествуваат во креирањето на решенијата, да продолжат и во иднина.
Дали и како треба да се промени процесот на полагање државна матура, најдобро знаат матурантите и учениците на кои се однесуваат тие промени. Затоа во соработка со Министерството за образование и наука, преку отворен процес со вклученост на сите засегнати страни, верувам дека ќе се изнајде најдоброто решение за промена на концепцијата за полагање државна матура. Измени на Концепцијата на матурата е очигледно дека се потребни и веќе се подготвуваат за следната година, тие измени ќе произлезат токму од искуствата на учениците, професорите, родителите и врз основа на промените што му се случуваат на образованието во целост. Ниту еден матурант не смее да остане оштетен и новата концепција треба да биде во најдобар интерес за сите ученици.
Пандемијата прерасна во предизвик за сите – најмалите, средношколците, наставниците, родителите. И од тие причини, решението кое го постигнаа матурантите и МОН, обезбеди почитување на правото на сите матуранти за упис на факултетите, а од друга страна им се обезбеди целосна поддршка и разбирање за околностите.
Имате ли некој предог како да се подобри културното живеење и издигнување на вашите врсници како да се едуцираат младите да не прават булинг, треба ли да се воведе сексуално образование…
Сеопфатното сексуално образование е реална потреба во нашиот образовен систем, но и во нашето општество и пилот-програмата за воведување на ССО во неколку училишта е одличен почеток.
Токму едукацијата и подигањето на јавната свест се значаен фактор за намалување на врсничкото и родовото насилство, зголемување на информираноста за сексуално преносливи инфекции, нивна превенција и заштита, толеранција, недискриминација и прифаќање на различностите, како и искоренување на сексуалната експлоатација. Во оние земји кадешто е воведено сексуалното образование веќе има видливи резултати.
Како да ги задржиме младите умови во државава, се добива впечаток дека едвај чекаат да дипломираат и да заминат надвор од границите.
Во изминатите три години Владата предводена од СДСМ креира и имплементира младински политики, преку конкретни мерки и проекти кои имаат за цел да го унапредат животниот стандард и да го подобрат квалитетот на живот на младите во нашата држава.
Активните мерки за самовработување, поддршката на иноваторите, отворање на нови и добро платени работни места, придонесоа за намалување на младинската невработеност. Наша заложба како на која посветено се работи е до крајот на мандатот младинската невработеност да биде под 17%. Дел од мерките во изборната програма кои ќе придонесат кон намалување на невработеноста, а чија имплементација веќе започнува се грантови за млади од 5 до 15 илјади евра, поврат на персонален данок на нововработени млади до 29 години, поддршка од 20.000 евра за млади земјоделци.
Со унапредување на економскиот стандард на младите, зајакнување на финансиската независност, и обезбедување на европски стандарди дома, ќе успееме младите да ги задржиме овде да градат иднина и кариера.