Заборави ако можеш…
Историјата е учителка на животот. Иако треба да влечеме поуки од историјата, често таа е причина за поделби и кавги помеѓу народи од исти или различни држави. Но, живееме во време кога секој треба да биде практичен и прагматичен, кога треба да учиме од минатото и врз база на тоа да ја проектираме личната и колективна визија за иднината.
Кога сме кај колективното, треба да ги анализираме одликите на еден колектив, народ. Кај нас чинам една од главните колективни одлики е проблемот со колективната меморија. Ние како македонци (па и албанците, ромите, турците, власите и др.) традиционално милуваме да дебатираме и анализираме периоди од историјата. За волја на вистината, честопати тоа доаѓа и како наметната тема од соседите како во примерот со Грција или со Бугарија. И во тоа нема ништо лошо, напротив, историјата на еден народ е дел од тоа кои сме и што сме. Но, кај нас постои еден навистина интересен парадокс. Ние повеќе се сеќаваме на античка историја од пред 3000 години отколку на најблиската историја пред не повеќе од неколку години.
Оттука, во периодот на штрајкови, повторно не фаќа колективна амнезија. Пред само неколку години се славеше и помпезно се најавуваа новите странски инвестиции во иднустриските зони. Фабрики кои покрај субвенцијата од државата (читај граѓаните) даваа плати на работниците од 10 000 денари. Чиниш се работници во некое феудално општество или во некоја неразвиена африканска земја. Денес минималната плата е 18 000 денари. Зарем ова ќе го заборавиме и релативизираме!?
Се сеќавам на една случка во декември 2019та година. Во Општина Карпош во ист ден исплативме плати и регрес на вработените. На излегување од работа еден од работниците кои одржуваат хигиена со солзи од среќа во очите ми пријде и вели: “Јас волку пари на сметката никогаш не сум имал. Во еден ден примив и повисока минимална плата и регрес за оваа година”. Јас одговорив: “Парите се твои, сработени и заслужени. Заслужуваш и уште повеќе”.
И навистина, денес повеќе од 90 000 граѓани примаат повисока минимална плата.
Се сеќавате ли на бесплатното скијање за пензионери со кое режимот се фалеше на сите телевизии!? Небаре баба ми на 90 години ќе го фрли помагалото за движење и ќе ги грабне скиите и ќе се спушти со спуст или слалом на Церипашина или на Галички!?
Зарем тоа ќе го заборавиме, а ќе го минимизираме историското зголемување на пензиите кое денес се случува!? Зарем скијањето е побитно од зголемените пензии и дополнителен додаток од 1000 денари месечно за сите пензионери како помош во кризата!?
Забораваме и на еден период кога не смееше да се штрајкува, а ако веќе се штрајкуваше или протестираше, следуваа санкции и контра протести. За истото, медиумите не смееа воопшто ни да известат. Студенти беа тепани додека учат во библиотека, архитекти и граѓански активисти беа тепани на сред плоштад додека мирно протестираа, пратеници за малку не беа убиени во Собрание.
Зарем денес не се чувствувате послободни и побезбедни отколку пред 7 години?
Забораваме на времето кога немаше ТВ дуели и дебати помеѓу власт и опозиција. Кога просторот во дебатните емисии беше резервиран само за апологетите на тогашниот режим. Се сеќавате ли на А1 телевизија и на Дневник, Вест и Утрински кои со умисла беа уништени и згаснати само за никогаш да не ја дознаете вистината!?
Денес имаме дебатни емисии со претставници на сите партии, невладини организации и аналитичари секојдневно, а медиумскиот простор е целосно отворен и за опозицијата и за граѓаните. Па во овој број на најтиражниот неделник во државата Фокус, покрај мојата има колумна и на претставник на опозицијата. Има и на граѓански активисти и на експерти.
Споредби и компарации може да правиме бесконечно, но тука ќе застанам и ќе се вратам на почетокот од писаниево. Успешни се оние луѓе и народи кои учат на грешките од минатото и историјата ја сметаат за учителка на животот. Да не дозволуваме празните зборови и пизма да ни предизвикаат колективна амнезија. Да не заборавиме каде бевме, а каде сме сега. По секој основ и во секоја сфера на живеењето. Вратете се само неколку години наназад и ќе сфатите што ви зборувам.
П.С. Колумната ја пишувам на 1ви Мај, а ќе излезе подоцна, па сепак: Честит 1ви Мај, да живеат работниците, со уште повисоки плати, а потоа и со уште повисоки пензии. Заслужено!