fbpx

Колумна на Перо Костадинов: ОТВОРЕНИ ГРАНИЦИ ЗА ОТВОРЕНИ СРЦА

Facebook
Twitter
LinkedIn

ОТВОРЕНИ ГРАНИЦИ ЗА ОТВОРЕНИ СРЦА

Земјите и лидерите од Западен Балкан покажуваат европеизиран дух, креираат успешна приказна што оди напред. Балканот денес е супстратот, кој, според многумина, може да ја излечи Европа и европската идеја, која е инфицирана со затвореност и нетолерантност кон различниот од себе

Перо КОСТАДИНОВ

Децении наназад, како држава и регион фокусирани сме кон интеграција во ЕУ, преземање нов политички пристап и стремеж на нашите општества кон демократија, стабилна економија, социјална еволуција и функционален правосуден систем, кои ја симболизираат Унијата и се воспоставени вредности кон кои се стремиме како општества.

ЕУ е нашиот најголем финансиски партнер, културолошки пример и парадигма кон која тежнееме сите во регионот.

Патот кон целосна интеграција во ЕУ продолжува, како стратешка цел од која не отстапуваме. Остануваме посветени кон идеалот во кој силно веруваме.

Длабоко во нас го развиваме европскиот дух. Демонстрираме решеност и подготвеност за реформи и структурни промени. Се грижиме за сопствениот македонски идентитет, го негуваме нашиот македонски јазик, ја чуваме својата посебност и ја почитуваме сечија друга.

Затоа, од особена важност е со брзо темпо да продолжат интегративните процеси кон Унијата. Тоа е гарантот за регионалната стабилност, лекот за авторитарните тенденции и браната за евроскептицизмот, кој лесно може да биде злоупотребен од популистичките движења во регионот.

ЕВРОСКЕПТИЦИЗМОТ Е ОПАСНОСТ

Заедно, како граѓани на Европа, одговорни сме за предизвикот кон кој сме исправени. Евроскептицизмот е опасност, на која мора да ѝ се спротивставиме храбро. Обединето и визионерски, наместо силите на раздорот и новите поделби, да го засадиме семето на отворени умови, толерантноста и соработката.

Неопходно е, за нашата и иднината на нашите поколенија, да издејствуваме победа на идеите што обединуваат, да ги развиориме знамињата на солидарноста и да ја потврдиме нашата цивилизациска улога пред другите.

Во тој контекст, земјите од Западен Балкан, преку иницијативата Отворен Балкан испишуваат нова историја, во целост различна од примерите од минатото, потполно европеизирана и пријателска. Комплетно спротивна од тоа што досега беше пример.

Земјите и лидерите од Западен Балкан покажуваат европеизиран дух, отворени се кон светот, се почитуваат меѓусебно и креираат успешна приказна која оди напред. Балканот денес е супстратот, кој, според многумина, може да ја излечи Европа и европската идеја, која е инфицирана со затвореност и нетолерантност кон различниот од себе.

Како регионална иницијатива, Отворен Балкан има за цел да ги елиминира граничните контроли, да го олесни движењето (на луѓе, стоки, капитал и услуги) во регионот, да им овозможи на граѓаните да патуваат, користејќи само лична карта како патна исправа, да им овозможи да се вработат каде било во регионот, да се обезбеди признавање на дипломите, да се зајакне соработката во борбата против организираниот криминал, одговорот на природните катастрофи и други вмрежувања од заеднички интерес.

ДА ИСПИШЕМЕ ИСТОРИЈА

Иницијативата е можност нашите земји да се зближат, воспостават посилна економска, научна, културна, спортска и секоја друга форма на соработка и заеднички да дејствуваат кон ЕУ со јасно дефинирани барања и интереси.

Целта е да се создаде систем на вредности и можности, од кој интерес би имале самите ние, но и целокупната Европа. Се работи за мировен проект, кој визионерски е фокусиран на иднината, развојот и пријателствата, наместо минатото, конфликтите и разградувањето, на сѐ што е создадено.

Бројни можности за соработка се неискористени, се овозможува поширок пазар, како и поголем економски кластер, кој создава конкурентна предност за земјите-членки кон останатите.
Нема просперитет без блискост и заедништво, ниту, пак, може да има развој без добрососедски односи, почит за туѓата посебност и солидарност кон соседите. Меѓусебните односи на земјите од Отворен Балкан се пример за секоја друга земја, особено на оние другите во политичкиот дискурс на претходниот век и нереалните хегемонистички сонови, како идеја што влече назад.

Заеднички да испишеме историја што нѐ прави горди. Да ги отвораме границите, заедно со нашите срца, и да пронајдеме искра надеж, како храброст по патот што го одиме.