Владата претстави план за помош на граѓаните за справување со кризата вреден 360 милиони евра. Каков ефект очекувате и колку овие средства се доволни за да им се помогне на граѓаните?
Суксесивното и таргетирано носење на антикризни мерки даде одличен резултат за време на корона кризата, што беше изведено како заклучок во повеќе извештаи и анализи кои го анализираа справувањето со кризата во регионот и Европа.
И оваа криза е исто толку непредвидлива и бара навремено и постојано прилагодување на истата. Ваква непредвидливост бара внимателно справување со ризици и тоа економски може да се справиме, бидејќи има економски механизми. Она што е потешко е справување со неизвесноста, која креира негативни психолошки реакции кои не може економски да се предвидат.
Токму затоа сметам дека она што е круцијално во справувањето со оваа криза е токму справувањето и одговарањето, колку што е можно, со неизвесноста која граѓаните може да ја чувствуваат. Покажавме дека се грижиме, дека никој нема да биде изоставен и дека таргетирано се насочува помошта онаму каде што е потребна.
Последните донесени антикризни мерки – дел кои се директна финансиска помош за најранливите категории на граѓани, дел се за помош на одржување на ликвидноста на компаниите како и механизми за справување со енергетската криза. Фискалните импликации на овој пакет мерки се над 360 милиони евра, од нив над 18 милиони евра се директна финансиска помош за околу 200.000 граѓани, кои се најизложени на онаа неизвесност за која погоре зборував.
Незадоволство има и во ССМ од каде велат дека со пакетот мерки нема ништо за работниците особено за оние кои добиваат минимална плата, дали тоа незадоволство е оправдано?
Овие мерки имаа директна финансиска поддршка за најранливите категории, но како што веќе кажав, мораме да ја гледаме големата слика, односно како овие 360 милиони влијаат на економијата и ефектот кој го имаат целокупно врз економијата а со тоа и сите граѓани, односно во овој случај, сите работници. Секако со потпомагањето и одржувањето на ликвидноста на компаниите индиректно се влијае на задржување на рбоотните места. Во мерките е опфатено и субвенционирањето на покачување на платите на работниците што секако е помош за работниците. Минатата година имаше историски највисоко покачување на минималната плата, но не само, туку и промена на целокупната методологија за пресметување на платите со што ним загарантирано ќе им следува усоглаување според повеќе параметри а меѓу нив е и покачувањето на стандардот, односно оваа Влада обезбеди долгорочна гаранција дека оние кои се приматели на најниски износи на плата константно, секоја година ќе имаат подобрување на животениот стандард, зависно од движењата во економијата, односно зависно од растот на севкупната економија како и од растот на трошоците за живот. И ова ги допира сите работници.
Дополнително, одржувањето на добрата кондиција на буџетот со мудро задолжување без голема изложеност, како и заштита на граѓаните од големи трошоци за електрична енергија и основни продукти, што го правиме преку субвенционирање на 80% од сметките за струја како и поволната каматна стапка од 5% ДДВ за прометот со електрична енергија кон домакинствата и замрзнување на маржите на производите. Сето ова е помош кон домашниот буџет на нашите граѓани.
Во новиот пакет мерки освен кредити, се чини дека за компаниите и нема други мерки, кога бизнисот може да очекува конкретна помош од државата?
Со мерките за субвенционирање на производството на електрична енергија што на крај ќе резултира со релативно ниски цени за крајните корисници кои се на регулираниот пазар, ние веќе сме обезбедиле стабилност и предвидливост за компаниите кои во најголема мера спаѓаат во групата на микро, мали и средни компании и тука спаѓаат 70.000 компании.
Мерките кои се донесоа како дел од енергетскиот антикризен пакет за поддршка на бизнисот засега се однесуваат на кредитирање на компаниите кои со користење на овие исклучително поволни кредитни линии ќе имаат можност да го пребродат овој кризен период.
На слободниот пазар за електрична енергија се околу 1.600 субјекти (приватни и јавни) и следната одлука ќе е за овие субјекти кои се на слободенот пазар за електрична енергија.
Размислуваме на воведување на фиксна цена на електрична енергија од –до со која што би се субвенционирале компаниите преку различни форми, дали е тоа ЕСМ и електричната енергија која ќе се произведе од ЕСМ и се работи на подолгорочно решение.
Веќе сме во завршна фаза на преговори со Европската Комисија која на една од нејзините последни седници веќе одобри сума од околу 1 милијарда евра за помош на земјите од Западен Балкан. Во наредниот период низ операционализација на програмата за поддршка на Западен балкан се очекува во детали да бидат разработени условите под кои ќе се користат овие средства, како и колкав износ секоја земја од шесте земји членки на Западен Балкан ќе добие. Ова секако е дел од помошта која ЕУ ја дава на нашиот регион, односно земјите кои се приклучуваат кон заложбите на ЕУ за блокирање на воените операции на Русија во Украина, особено преку ограничување или целосно прекинување на увоз на фосилни горива кои доаѓаат од Русија.
Државата, како и цела Европа освен во економска, е и во енергетска криза. До каде е процесот за обезбедување доволна количина енергенси и електрична енергија за претстојната зима?
Важно е едно да биде јасно, државата обезбеди целосно покривање на потребите за производство на електрична енергија да е од домашни капацитети. Струја во моментов за сите домачинства и мали и средни компании на регулираниот пазар има доволно. Секојдневно се следи производсството и капацитетите и струја има. Без рестрикции само со рационално користење, односно штедење што е одговорност која сите мораме да ја понесеме со оваа криза.
Како и до сега, така и во овој момент нашиот економски тим непрекинато работи на изнаоѓање на колку може поповолни цени на енергенсите, како на оние кои се користат за производство на електрична енергија, така и на оние потребни за топлинска енергија, и секако дека овие напори го даваат резултатот затоа што ние веќе имаме разработено неколку сценарија кога и од каде би можеле да набавиме енергенси за потребите на целата држава, и секако со одредена проектирана сума која ќе биде потребна за да бидат набавени овие енергенси.
Меѓународниот монетарен фонд даде зелено светло за 530 милиони евра од кредитната линија за претпазливост. Како ќе се искористат овие средства?
Како што беше наведено и во соопштението на ММФ од пред неколку недели, кредитната линија во вкупен износ од 530 милиони евра ќе се користи првенствено за помош на нашата држава со која ние ќе можеме полесно да се соочиме со екстерните економски шокови кои се предизвикани од кризата со пандемијата од Ковид-19 и од агресијата на Русија врз Украина.
Како што стои во официјалната изјава на преговарачот на ММФ со Северна Македонија, г-а Берглјот Баркбу, на нашата држава од страна на управниот одбор на ММФ ќе и бидат одобрени 530 милиони евра, од кои уште оваа 2022 година ќе можеме да повлечеме сума од 110 милиони евра која ќе се користи генерално за буџетска поддршка и подобрување на ликвидносната позиција на нашиот буџет, со цел максимално осигурување дека сите потреби на државата за надминување на оваа криза навремено може да бидат сервисирани.
Ќе се користи за подобрување на макроекономските бафери, за што и ние како Влада веќе презедовме неколку конкретни чекори со кои се прават максимални заштеди на т.н. непродуктивни трошоци и се реорганизира работата во органите на државна управа каде што преку кратење на прекуврмени ангажмани, воведување на работа од дома, рационализација на сите работни ресурси и сл. Очекуваме дека овие мерки надополнети со макроекономската политика која НБРМ ја води со затегање на каматните стапки, на среден рок ќе го дадат очекуваниот резултат, а тоа е зауздување на инфлацијата и пребродување на оваа енергетска криза до идната пролет со колку може помали последици за оние најранливите кои секако се најпогодени во последниот период.
Со овој ПЛЛ аранжман со ММФ ние како држава исто така се обврзавме дека нашата фискална политика и понатаму ќе биде креирана во насока на заштита на животниот стандард на најранливите, со постепено намалување на буџетскиот дефицит кој во оваа 2022 очекуваме да биде 5,3% од БДП како што беше предвидено во ребалансот од јули, како и дека наредната 2023 година би ја завршиле со буџетски дефицит од 4,6% од БДП. Исто така користејќи ги средствата од ПЛЛ аранжманот со ММФ си зададовме и една среднорочна цел за консолидација од фискален аспект со цел избегнување на идни потреби за создавање на фискални бафери, и во исто време максимално да се заложиме за зголемување на вложувањата од страна на државата во капитални инвестиции, кои најчесто повлекуваат определени фискални ризици. Секако кон ова се очекува да има голем допринос и носењето на долгоочекуваниот Закон за органски буџет (Organic Budget Law) кој ќе ни донесе подобра контрола, ефикасност и предвидливост како на расходите така и на приходите во државната каса, а со тоа секако Владата како носител на политики ќе може да направи еден силен исчекор кон креирање на подобри услови за живеење на целокупното општество во целина.