fbpx

Од фасада–политика до стиропор-мерки!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Колумна, „Радио Слободна Европа“, 24.09.2016, Стефан Богоев, претседател на СДММ

 

Eсен! Позната и излитена е фразата „жешка есен“, па јас овде би сакал да ја акцентирам и да се задржам на скапата есен.

Да, скапа е и тешка за граѓаните. Особено септември и октомври. Се купува огрев за претстојната грејна сезона и потопла облека, се спремаат зимници и други работи кои се потребни за да се преживеат есента и зимата кои доаѓаат. Парите на граѓаните се намалуваат, а растат нивните сметки и крвен притисок.

Скапата есен е најскапа за студентите и нивните родители! Деновиве, заедно со моите другарки и другари од СДММ и со студентите, направивме мини истражување за минималните месечни трошоци на еден студент и тоа по неколку ставки: трошоци за превоз, за книги, за храна и тековни потреби и цената на сместување во студентски дом. Логично, ова се минималните трошоци, бидејќи нели, студентот треба да има книги, храна, покрив над главата и барем неколку пати да замине во своето родно место да си ги види најблиските.

Имајќи ја предвид и распределбата на легла по домовите која оди во стилот „вмровска книшка, врати од студентски домови отвора“, ги анализиравме и трошоците на студентите кои живеат во приватно сместување и не се примени во студентски дом.

И како при секоја темелна анализа, бројките се залудни ако немате со што да ги споредите. Ние ги споредивме со минималната месечна и со просечната месечна плата во Република Македонија.

Па така, студент кој живее во студентски дом има вкупни минимални месечни трошоци, што би се рекло „да скрпи крај со крај“, во висина од околу 10.277 денари. И како што претходно реков, за некој е многу, за некој можеби не толку многу, но чисто за споредба, минималната месечна плата во Македонија е 10.080 денари. Или во превод, родител со минимална плата треба да ја даде целата плата и таа повторно да не биде доволна за трошоците за неговото дете студент. Што ако родителот ја послушал кампањата на ВМРО-ДПМНЕ и има две, три или повеќе деца!? Одговорот е јасен, нема да може да им обезбеди студирање на неговите деца!

Ако некој студент нема партиска книшка или не успеал да најде „врска или ургенција“ за сместување, му преостануваат две опции. Да изнајми стан заедно со цимери или едноставно да не продолжи со образованието. Првата опција, според нашето истражување, на месечно ниво би го чинело студентот околу 21 илјади денари. Пресметката е слична како и во претходниот случај, но наместо ставка „сместување во дом“, ги вметнуваме трошоците за кирија и сметки. И ајде повторно да споредиме. Просечната, не минималната, туку повторно нагласувам, просечната плата во Македонија е 22.187 денари. Преведено во реалноста, родител на дете студент кое е принудено да се смести во стан со цимери, ако прима просечна плата ќе остане со само 1.187 денари за цел месец (22.187 плата – 21.000 трошоци за студентот = 1.187 денари). Практично, родителот треба да гладува и мрзне ако сака да му обезбеди минимум услови на неговото дете за студирање. И повторно, што ако има две, што ако има три деца родителот!?

Во овие трошоци, не е пресметана партиципацијата која ја плаќаат студентите и која е дополителен товар на нивниот ионака скромен буџет!

И додека родителите и студентите треба да се водат по народната, „кој ќе преживее, ќе раскажува“, ВМРО-ДПМНЕ во својот стил на промовирање стиропор–мерки кои произлегуваат од фасада–политиката која ја спроведуваат предлагаат козметички измени на законот за Студентски стандард. Замислете, не се битни распаднатите домови, прокиснатите библиотеки, затворската храна која се служи во студентските домови, битно било студентите да може да бидат тутори на средношколци или основци. Се прашувам, што ли ќе ги учат!? Како да преживееш во хорор студентски дом!? Како да преживеат твоите родители со илјада денари за цел месец!? Или, пак, како да се радуваш на новиот лифт, кога имаш стара и срушена соба!? Бисер до бисер, три ѓердани да наредиш!

Кога администрацијата е нефункционална и партизирана, овие „забегани лудаци“, што би рекол Ставрески, предлагаат стоте најдобри студенти да се вработат во јавниот сектор. И тоа не е прецизирано каде. Може на пример, бидејќи тешко да најде работа по струка во јавен сектор, некој што завршил молекуларна биологија, да го вработат на шалтер за просечна плата. Бисерите и понатаму се редат. Наместо да ги субвенционира компаниите за да ги вработат најуспешните студенти или да им помогне за сопствен бизнис, владата ќе ги вработува во јавен сектор. Ова никаде ниту било, ниту ќе биде.

Е токму овие проблеми кои само ги издвоив од многуте ги бркаат буквално младите надвор од државата! Овие проблеми не разликуваат етничка, верска или било каква припадност.

На 11-ти декември доаѓа најважното прашање на заокружување за студентите и оние средношколци кои имаат право на глас. Понуденото прашање има два одговори. Со заокружување на едниот, поддржуваме продолжување на агонијата и се она што погоре го напишав. Со заокружување на вистинскиот одговор, одлучуваме позитивно за нашите животи тука во Македонија. Заокружуваме за достапно и евтино, а квалитетно образование. Заокружуваме за нови, ултрамодерни студентски домови и слободно, а не партизирано студентско организирање. Заокружуваме за минимална плата која ќе достигне минимум до 16 илјади денари и за просечна плата од 30 илјади денари! И конечно, заокружуваме затоа што сакаме да останеме во нашата татковина.

П.С. Неодговорено или погрешно одговорено прашање е исто! И двете не носат дополнителни бодови.

Последни вести