Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник, 04.08.2016
Наследеното богатство е поважно од напорот и талентот! Ова е главниот заклучок на економистот супер-ѕвезда Томас Пикети во книгата „Капиталот во дваесет и првиот век“. Тој покажува дека стапката на принос на капиталот значајно ја надминува стапката на раст на економијата во последниве 140 години во развиените земји, што значи дека богатството се концентрира во рацете на малкумина кои од него заработуваат многу повеќе во споредба со луѓето што секојдневно работат и заработуваат од својот труд.
Нефер распределбата на економските резултати создава голема нееднаквост во можностите на идните генерации. Денешните „победници“ неправедно пренесуваат голема предност на своите деца во иднината. Тие можат да платат висока школарина во училиштата и универзитетите, здравствени услуги во приватни болници, а на децата им оставаат и сериозен имот и акции, кои за нив претставуваат различен старт во животот во споредба со преостанатите.
Македонија не само што не е имуна на овие трендови, туку ние сме земја со најнефер распределба на доходот во Европа. Јавното здравство и образование се рушат. Се’ повеќе имаме потреба да одиме во приватни болници, а школарините во приватните основни и средни училишта започнуваат да достигнуваат и по неколку илјади евра. Ова е веќе надвор од дострелот на средната класа – луѓето кои немаат сопственост во компании, а заработуваат со својот труд. И секако, проблемот кај нас е уште поголем, бидејќи значаен дел од брзото трупање богатство во Македонија се прави поради злоупотребите на државните институции, односно искривеното трошење на парите од даноците на македонските граѓани.
Затоа клучното прашање е што треба да направиме за да овозможиме идните генерации да имаат што е можно пофер терен за игра во иднината? Постојат две крупни работи. Првата е една навидум утописка идеја на Пикети која не зависи само од нас. Втората работа можеме да ја направиме веднаш. Се однесува на внесување корективни механизми во нашето општество кои би ги ублажувале неправдите и би обезбедиле средства за пофер старт во животот на идните генерации. А без дилема неопходен предуслов за нив е доброто функционирање на државните институции, повторното јакнење на јавното образование и здравство.
Пикети предлага да се воведе глобален данок на богатство како надополнување на постојниот даночен систем. Основата за овој нов вид данок би требало да биде пазарната нето-вредност на целокупното богатство на граѓаните, независно дали се финансиски средства (банкарски депозити, акции, обврзници и слично) или нефинансиски средства (пред се’, недвижен имот). Данокот би се плаќал секоја година и би бил прогресивен. Даночните стапки би изнесувале: 0% за нето-богатство до 1 милион евра, 1% за помеѓу 1 и 5 милиони евра и 2% за нето-богатство поголемо од 5 милиони евра.
Клучно за успешното воведување на овој данок е потребата да се воведе на глобално ниво. Ако се воведе само од неколку земји, тогаш финансиските средства од кај нив би се одлеале во други земји каде што овој данок не постои. Но, иако е тешко да се поверува дека наскоро државите можат да се договорат за даночен режим кој би се применувал насекаде во светот, неговото воведување би решило неколку тековни проблеми. На пример, државите би морале да постигнат договор за автоматско споделување на банкарските податоци, бидејќи државните даночни служби би требало да ги имаат сите потребни информации за богатството на секој граѓанин. Тоа би направило средствата кои се кријат во даночните раеви да станат повторно видливи и оданочени.
Да се вратиме на Македонија. Додека ги чекаме исходите од големата игра која ја водат развиените земји имаме можност да направиме корекции, бидејќи рамните и ниски даноци на доход и добивка, заедно со даноците на имот, се целосно на страната на најбогатите. А државниот буџет се полни главно со даноците на потрошувачка, каде што сиромашните плаќаат поголем дел од својот доход во споредба со богатите. Затоа не е ни чудо што проектите за купување на куќи и станови, кои треба да обезбедат еднаков старт во животот, имаат премногу мал опфат.
Покрај прогресивност во персоналниот данок на доход, Македонија треба да воведе и еден вид прогресивност во данокот на имот. И тоа на едноставен начин – според примерот на Словенија. Во Словенија, даночната стапка за имот со вредност поголема од 500 илјади евра се зголемува за 0,25 процентни поени. Ние за почеток можеме да бидеме поумерени, па даночната стапка за ваков луксузен имот да ја зголемиме за 0,1 процентeн поен. Тоа би значело дека оној што живее во куќа од петстотини илјади и едно евро ќе треба да плаќа данок на имот во висина од 750 евра, а не како досега од 250 евра. Зголемениот приход во општинските буџети би требало да се користи за подобро функционирање на јавните детски градинки.
Слично нешто може да се направи и со данокот на наследство и подарок. Додека во Македонија првиот наследен ред (брачниот другар и децата) се ослободени од плаќање данок, тоа не е случај во добар дел од земјите на ЕУ. Така, на пример, во Данска, брачниот другар е ослободен од данок, а децата се должни да платат 15% данок на наследство и подарок. Поумерена од ова е Германија, каде што брачниот другар е ослободен од данок на наследство до вредност од 500 илјади евра, додека децата се ослободени од данок на наследство до вредност од 400 илјади евра. Данокот се плаќа на разликата помеѓу вредноста на наследството и ослободувањето. Притоа, Германците не се шегуваат со даночната стапка, за прв наследен ред таа се движи од 7 до 30 отсто и зависи од вредноста на наследството. Како и да е, идејата во двата случаја е дека државата треба да земе од оние што имаат многу, за да може да им даде на оние што немаат.
Македонија може да го следи германскиот пример. Но, на почетокот даночната стапка за прв наследен ред треба да биде помеѓу 1% и 2%, со цел да се обезбеди прогресивност на данокот по крвно сродство (за втор наследен ред, стапката е помеѓу 2% и 3%). А за да не дојде до изигрување на данокот, подароците треба да се кумулираат во наследството. И што е уште поважно, прибраните средства од данокот треба да одат во посебни фондови кои ќе се користат за изградба на социјални станови.
За крај. Двајца американски професори, Скев и Стејсевиџ, во книгата „Оданочување на богатите: историја на фискалната праведност во САД и Европа“ ги анализираат политиките на 20 земји од 1800 година до денес. Тие во неа заклучуваат дека промените во оданочувањето на богатите се резултат на промените на верувањето за праведност, а не на економската нееднаквост или на потребата за приходи во државната каса. Затоа она што заборавив да го прашам на почетокот: Дали вие верувате дека нашите деца треба да имаат еднаков старт во животот?