fbpx

Интервју на претседателот Заев за Слободен Печат

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на претседателот на СДСМ Зоран Заев за весникот Слободен Печат

Слободен Печат: Господине Заев, после многу преговори, договори и изговори, предвремените парламентарни избори конечно се закажани. На почетокот на овој разговор, од Вас барам директен, недвосмислен и обврзувачки одговор на прашањето што си го поставуваат сите граѓани на оваа земја – кој ќе слави ноќта на 11 спроти 12 декември? Тој или ние?

Заев: Најдиректно, на 11 декември ќе слават граѓаните на Република Македонија! И ќе Ви кажам и што ќе славиме. Животот ќе го славиме! Десет години власта е во рацете на една фамилија, на братучедите Груевски и Мијалков, кои им ги уништија животите на сите останати граѓани и една деценија само таа мала група добро живее, на сметка на сите останати граѓани во оваа земја. На 11 декември граѓанска Македонија што ја предводи Социјалдемократскиот сојуз ќе донесе живот за сите и пораз на режимот на Никола Груевски. Ако треба да одговорам на Вашиот коментар „тој или ние“, ќе речам – тој веќе замина, на 11 декември ние доаѓаме.

Слободен Печат: За разлика од владејачката коалиција, каде од 2008 година наваму Никола Груевски суверено ги составува кандидатските листи, а неговите сојузници беспоговорно ја почитуваат неговата волја, практиката досега покажа дека поделбата на позициите на кандидатските листи на здружената опозиција секогаш е болен процес. Во кулоарите се шпекулира дека и сега, пред овие избори, се повторува старата приказна и дека трошите премногу време и енергија на тој процес. На социјалните мрежи има коментари дека СДСМ е под жесток притисок да отстапи добитни места за ликови од Шарената револуција, за партијата Левица, па дури и за наводната фракција на Бранко Црвенковски. Точно ли е тоа?

Заев: СДСМ и здружената опозиција веќе објавија сојуз со граѓаните. Тоа што е точно е дека со задоволство, заедно со граѓаните, разговараме за кандидатите за пратеници за изборите во декември.

Слободен Печат: Претпоставувам дека веќе ја имате дизајнирано изборната кампања на СДСМ и секако, не очекувам предвреме да ни ги откриете адутите. Сепак, би сакал да знам која ќе биде основната „боја“, ако така може да се каже, на оваа кампања. Дали тоа ќе биде црната боја (кампања за оцрнување на противникот), розовата боја (спектакуларни популистички ветувања) или некоја трета боја?

Заев: Тоа ќе биде бојата на животот. Животот ни е одземен, животот си го враќаме и отвораме пат за подобар живот за сите граѓани во Република Македонија.

ДОСТА Е КРАДЕЊЕ – ПАРИТЕ ОД ГРАЃАНИТЕ ЗА ГРАЃАНИТЕ!

Слободен Печат: Во Вашите најнови пораки, во експликациите на „Планот за Македонија“, им понудивте крупни ветувања пред граѓаните на Република Македонија: минимална плата од 16.000 денари, просечна плата од 30.000 денари, повисоки социјални трансфери, помош за стопанството, отворање фирми за 1 евро, поголеми и нови субвенции, платена работа за студентите… Тоа е еден многу смел план, господине Заев, со оглед на фактот што после падот на режимот, новата власт веројатно ќе се соочи со долговите и со дубиозите на оваа криминална групировка. Не сум првиот, а нема да бидам ни последниот што ќе Ве праша – како планирате да ги остварите овие сериозни ветувања? Од каде пари? Од каде поддршка?

Заев: Сè што споменавте ќе се реализира со тоа што ќе ги пренасочиме парите кон граѓаните. 300 до 400 милиони евра годишно оваа власт буквално краде од граѓаните. Ете како е изводливо тоа што го најавувам. 140 милиони евра ќе пуштиме кон домашните мали и средни фирми. Да можат да се развиваат. Ако добро работат, ќе даваат повисоки плати, ќе отвораат нови работни места. Ако граѓаните земаат повеќе пари, тие повеќе и ќе трошат. Преку платениот данок, парите ќе се враќаат пак во Буџетот. Тие пари, пак ќе бидат за граѓаните. Така државата ќе биде во можност да ги отвори старт-ап центрите што ги најавуваме, каде што новите компании во првите години од основањето, додека да застанат на свои нозе, нема да плаќаат за деловен простор, сметководство, архива и за други неопходни услуги. И овие нови фирми ќе отворат нови работни места.

Стручните кадри, младите образовани луѓе што сега ни заминуваат од државата, најголемата болка на Македонија, ќе ги мотивираме на овој начин да останат да работат тука, во родната земја. Поголем квалитет во работата по автоматизам носи побрз развој на фирмите. Ќе овозможиме отворање фирма со 1 евро основачки капитал. Зошто? Помагаме на многу способни луѓе што сега седат без работа, да развијат сопствени бизниси. Тоа ќе го сториме и со поддршката од по 10.000 евра неповратни пари на млади луѓе со добра бизнис-идеја. На овој начин ќе го истиснеме полека тој пеколен круг на задолжувања на граѓаните за да можат да преживеат.

Ќе ги намалиме и трошоците за живот по многу основи. Државата ќе враќа на секого по 15 проценти од платениот ДДВ во фискалните сметки. Ќе ја вратиме евтината тарифа на струјата, ќе ја укинеме радиодифузната такса, кој заработува помалку ќе плаќа помалку, на пример за градинка, за училиште. Најзагрозените граѓани ќе ги ослободиме целосно од сметките за комуналии. Пак можеби ќе речете од каде пари во Буџетот. Економист сум, Ве уверувам, кога граѓаните имаат пари, тие трошат, само тогаш и државата има пари. Тоа е ланчен систем на развој на квалитетот на животот на граѓанинот и на економскиот развој на државата, а нас и едното и другото ни се насушно потребни.

Другиот одговор од каде пари е – ќе ги вратат украдените пари! Сè што украдоа оваа мафијашка власт и нивните соработници, сè до денар, до долар, до круна, до евро, до фунта, до франци – од Панама, Белизе, преку Прага, Лугано, сè има да им вратат на граѓаните и на Република Македонија!

Слободен Печат: Освен со пропаганда, со корупција и со контрола врз медиумите, Груевски цела една деценија се одржува на власт со тоа што од Македонија направи своевидно претполитичко општество. Кај нас граѓаните не гласаат врз основа на своите идеолошки и политички определби, кои најчесто и ги немаат, туку со проста трговија – гласам за тој што ми дава повеќе. На тој начин режимот под контрола држи огромна маса луѓе. Зборувам за луѓе во администрацијата, во здравството и во школството, во полицијата и во војската, во јавните претпријатија и во приватните компании кои зависат од државата, зборувам за пензионери и студенти на универзитетите на кои се продаваат дипломи… Дојден ли е моментот сите тие луѓе да се ослободат од прангите на клиентилизмот и на предизборната корупција?

Заев: Ако оваа власт навистина дава, како тоа 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштија? Зошто од Македонија заминале 626.312 луѓе? Зошто околу 70 проценти од младите што се во земјава, ако имаат можност, би заминале од државава? Па секое бебе се раѓа со по 2.000 евра долг! 180.000 граѓани живеат со по 40 денари на ден. Ова е доказ дека оваа власт не дава туку зема, и тоа зема од оние што се најсиромашни. На овие луѓе им тропаат извршители на врата со двојно и тројно зголемени долгови.
Луѓето за кои зборувате, во администрацијата, во здравството, во образованието, најдобро знаат како оваа власт на Груевски злоупотребува. Добиваат плата што чесно и вредно си ја заработуваат и им следува по закон, а за возврат морале да одат по партиски собири, да собираат и по десет, дваесет имиња за кои гарантираат. Не е лесно да доаѓаш и да заминуваш од работното место под притисок. Ние тоа го знаеме, преку нашите кадри во техничката Влада спречуваме и ги заштитуваме и тоа ќе продолжи и по промените. Нема да има реваншизам, никој од нив нема да го загуби своето работно место. Зашто гледаме и чувствуваме дека овие луѓе одвај чекале некој да им подаде рака и да ги спаси. И затоа, да, моментот е дојден, граѓаните на овие избори навистина ќе направат разлика и референдумски ќе им кажат на Груевски и на криминалната власт, дека времето на лаги заврши.

ГРУЕВСКИ СЕ КОЦКА СО ЖИВОТИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ

Слободен Печат: Режимот и неговата пропаганда упорно ја шират тезата дека главен адут на СДСМ во обидот да се освои власта (како што велат тие – наспроти волјата на народот), е специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, чија задача, наводно, е да ги дискредитира и да ги доквалификува клучните личности на ВМРО-ДПМНЕ. Всушност, тие велат дека Заев сè фрлил на една карта, на Катица Јанева. Ако е така, прилично хазардерски, нели?

Заев: Хазардерски е само од страна на Груевски што се коцкал со животите на граѓаните на Република Македонија. Цела една деценија овој човек, кој се претставуваше за многу чесен преку медиумите под контрола, узурпирал институции за лични и фамилијарни цели, купувал милионски плацови на Водно, се богател, со мерцедеси и со чуда внатре, отворале фирми по рајски земји за да се претставуваат како странски инвеститори во Македонија и краделе на ангро пари на граѓаните. Со тие пари Груевски ги корумпирал и медиумите за да ја градат сликата што си ја нарачал за себе. И сето ова тој и фамилијата го правеле со пиштоли во уста, со закани за во ендек, со буквално газење по луѓе. Прислушувале десетици илјади граѓани, само од она што е познато! Им влегле во интимата, во приватниот живот на луѓето!

Коцката е многу ризичен порок. Те навлекува, а кога ќе заглавиш, отиде сè. Во таква ситуација се сега Никола Груевски и неговите соработници, кои прилично наивно се надеваат дека можат да ја префрлат одговорноста на кого било или што било друго. Тие ставаат сè на картата што ја споменувате, со нивните лаги и манипулации. Сите што се фатени во криминал, ќе мора да одговараат, граѓаните тоа го бараат и го очекуваат, не само СДСМ. Ние отворивме пат на вистината и нашата карта е подобар живот во Македонија. Во оваа пригода би сакал да им порачам на институциите, на судството, на другите надлежни органи, да не се навлекуваат на коцкарската игра на мафијашката власт, којашто им е веќе загубена, туку да работат според Уставот и законите.

Слободен Печат: Додека го подготвуваме ова интервју, се ројат шпекулации, но и деманти, дека Груевски нема да биде на кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ. Можно ли е една таква игра пред изборите? Посакувате ли битка без директно соочување со човекот кој е најголем виновник што Македонија денес е светски шампион во мизерија, земја што за десет години изгуби четвртина од своето население?

Заев: Ние сме фокусирани на обезбедување услови за регуларни избори. Дали Груевски ќе биде или нема да биде на кандидатските листи, за тоа нека му мислат во ВМРО-ДПМНЕ. Овие избори, и со Груевски и без Груевски на кандидатските листи, ќе бидат избори за животот, против режимот. Во ВМРО-ДПМНЕ дозволија партијата да ја окупира една мафијашка фамилија што потоа ја окупираше и целата држава. Од таа фамилија и од одговорноста, на 50 дена пред изборите, не можат да се одлепат. На овие избори, за тоа што молчеа и дозволија злодела, ќе биде казнета партијата ВМРО-ДПМНЕ, со или без Груевски. По изборите, и за државата и за нив најдобро би било да се реформираат, затоа што на Македонија ќе ѝ треба разумна и одговорна опозиција.

Слободен Печат: Oваа кампања за Груевски е неговата лебедова песна. И кога е веќе така, треба да се очекува да се потруди да ја отпее во свој стил, онака со зарипнат глас и со вревење. Ќе удри по опозицијата и најмногу по Вас, со сите оружја. Велат дека пред изборите и ВМРО-ДПМНЕ ќе детонира „бомби“, односно ќе објавува прислушувани разговори, во кои предмет на компромитација биле опозиционерите. Што сè може да се очекува од овој човек? Подготвувате ли одбрана?

Заев: Подготвуваме офанзива, тоа е нашиот План за живот во Македонија. Евентуалната таква валкана одбрана на Груевски и на соработниците, за каква што зборувате, би била само доказ плус во нивните дебели криминални досиеја.

Слободен Печат: Сакам јавно да споделам една оценка за Вас што често ја слушам од колеги, од пријатели и од некои влијателни луѓе – Заев, велат, изгледа необично смирено (инаку сте пргав по природа, ако не се лажам). И додаваат – тој мора да знае нешто што ние не знаеме, мора да го знае планот, мора да е запознат со изненадувањата што ќе следат пред изборите и кои, всушност, ќе доведат до пресврт. На што се должи таа Ваша смиреност? Ќе има ли навистина спектакуларни изненадувања за кои само Вие знаете?

Заев: Да, јас го знам нашиот План за живот во Македонија и затоа сум мирен. Многу сум мирен бидејќи тој план е направен заедно со граѓаните. Тоа се илјадници граѓани на Република Македонија со кои ја носиме победата над еднодеценискиот режим. Го разбирам Вашето прашање, кое се базира на искуствата од непресметливост на Груевски и неговото опкружување, но овој пат само тој ќе се изненадува.

ПОСЛЕ 11 ДЕКЕМВРИ ЈАС ЌЕ БИДАМ ПРЕМИЕР

Слободен Печат: Вашиот личен влог во оваа битка е огромен и тоа сите го признаваат и го почитуваат, дури и оние што не Ви се наклонети. Но, што е со Вашите амбиции? Ќе Ви се исплати ли влогот? Каде се гледате себеси после победата на 11 декември – исклучиво и безостатно на премиерската позиција?

Заев: После 11 декември ќе останам меѓу граѓаните, истиот верен другар, истиот добар пријател, татко, сопруг и да, ќе бидам и премиер на Република

Последни вести