fbpx

Колумна на Перо Костадинов: ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО Е НАШИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ

Facebook
Twitter
LinkedIn

ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО Е НАШИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ

Земјоделството, без сомнение е економска гранка од витално значење за заедницата. Не само поради производството на храна, туку и за руралниот развој, животната средина и опстанокот на македонските села. Многу работни места се поврзани со земјоделството. Преку потребите од механизација, репроматеријали, гориво, вештачко ѓубриво и слично, многу луѓе обезбедуваат работно место. Исто така и секторите како што се подготовката, преработката, пакувањето на храна, складирањето, транспортот и малопродажбата. Отсуството на земјоделци и развиено земјоделие би имало особено неповолно влијание не само врз селата, туку и врз градовите.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство инвестира во развој и модернизација на земјоделството и силно ги поддржува земјоделците. Модернизацијата со современа механизација преку грантови во висина до 10.000 евра за набавка на опрема, поддршката на жените земјоделки, како и поддршката на малите производители на храна, вино и мали дестилерии се исклучително важни за развојот на оваа општествена сфера. Продолжувајќи ги позитивните трендови, како држава сме на правиот пат. Создаваме модернизирана и силна гранка која е суштинска за севкупниот развој.

Како земја, лидери сме во регионот по искористеноста на средствата од ИПАРД 2 програмата, со висок процент на исористеност од 98%, склучени над 2000 договори и реализирани успешни индивидуални и семејни иницијативи во земјоделството. Истовремено, добивме зголемување за 62% неповратна поддршка од ЕУ преку ИПАРД 3 програмата и неповратни 97 милиони евра европски средства за нови инвестиции, развој и модернизација на македонското земјоделство.

Правопропорционално со ова, годините зад нас се инвестираше во капитални инвестиции и изградба на значајни проекти како Брана Конско, Јужен Вардар, ХС Равен – Речица, Брана Речани и десетици други проекти. Илјадници хектари земјоделско обработливо земјиште добија современи системи за наводнување и значајно се подигна нивото на македонското земјоделие. Овозможено е навремено наводнување, помали трошоци и поконкурентно производство на македонскиот земјоделец.

Како држава имаме огромен потенцијал за развој преку земјоделството. Со силно земјоделие и успешен земјоделец, немаме потреба од нови капацитети на тешка и загадувачка индустрија и рудници во плодните котлински предели. Иднината е во дополнителниот развој на оваа гранка, особено во делот на органското производство и здравата храна.

Земјоделците имаат најголема потреба да се грижат за природните ресурси. Тие се соочени со двоен предизвик: како да се произведе храна, а истовремено и како да се заштити природата и биолошката разновидност. Еколошки одржливото земјоделство, кое подразбира разумно користење на природните ресурси, е од клучно значење за производството на храна и нашиот квалитет на живот. Неопходно е да се зајакне свеста кај сите нас за важноста на здравата храна и за целокупната животна средина.

Остатоците од пестициди во околината се поврзани со бројни болести кај луѓето и се опасни за развојот на децата. Тие се директно поврзани со намалувањето на популацијата на корисни инсекти, особено пчелите. Почвите стануваат се покомпактни, нивната структура е уништена и на тој начин се спречува нормалниот раст на растенијата.

Овој проблем не постои кај органските техники. Органското земјоделство како алтернатива е форма на земјоделство што се потпира на одржливи техники за подобрување на природната плодност. Ваквиот земјоделскиот пристап ја нагласува одржливоста, отвореноста, независноста, здравјето и безбедноста. Зачувувањето на природните ресурси и биодиверзитетот е основен принцип на органското производство. За сето ова да се спроведе потребна е темелна едукација од најмали години и реформи кои ќе допрат до секој еден човек.

Предизвиците на новото време бараат повторно утврдување на приоритетите, силно заедништво и долгорочни цели кои не движат кон прогрес. Одговорноста кон животната средина е заедничка. Зад нас, да оставиме одржлив систем втемелен на чиста животна средина и одржлив развој. Пред нас е голема можност. Сега е вистинското време за акција.

Последни вести