Навистина е важно!
Морам да признаам дека најпрво зборот важно во насловот сакав да го ставам во наводници, ама ќе требаше да сум иронична. А не сакам.
Затоа што навистина е важно сите да знаеме кои сме, што сакаме од животот, од опкружувањето, а и што не сакаме. Важно е да знаеме каде сакаме да се движи државата и што можеме да реализираме, а каде можеме да помогнеме. Навистина е важно да знаеме кој и зошто сака нешто.
Еве јас да почнам. Важно е дека:
Не сакам наставничката да се снима од училница за партиски цели а во позадина да оди смеа на деца. Не сакам наставничката кога ќе снима партиски видеа во позадина да се гледа детска творба закачена на зид за која сигурно децата добиле 5ка. Важно е тоа да не го гледаме повторно.
Не сакам да се злоупотребува гласот на поединецот кој преку одредена форма одбрал да биде застапуван во одлучувачки тела за тие тела да го изневерат неговиот глас и истиот да го злоупотребат.
Не сакам политичарите дома да ме негираат која сум, да ми наметнуваат мислења дека мојот идентитет е негиран, дека не сум признаена, дека не зборувам на мојот мајчин јазик., за остварување на политички цели
Не сакам некој кој е избран за да ме застапува мене и моите интереси, да ги блокира законите кои се во полза на сите граѓани.
Не сакам ширење на лажни вести!
Не сакам создавање на паника во време кога сите треба да сме заедно сплотени и да имаме една заедничка цел- подобар живот за сите!
Не сакам ПОРАКИ ОД РЕАЛНИОТ ЖИВОТ кои се режирани! А особено не сакам тие пораки да ги “делат” тие кои едвај се здобиле со соодветно образование.
Не сакам лажен патриотизам: не сакам некој кој ни го негирале, лустрирале, навредувале сега да се обидуваат да го глорифицираат и да се претставуваат како негови спасувачи!
Не сакам мојата култура, историја и културно наследство да биде изнесено од државата со натпис “приватна сопственост на XX”
најВАЖНО од се е, дека сакам иднина за моите деца тука, дома!
Важно е, навистина.