fbpx

Колумна на Фатмир Битиќи: Иднината на државата лежи во разбирање – инклузивност

Facebook
Twitter
LinkedIn

Иднината на државата лежи во разбирање – инклузивност

Усвојувањето на Националната развојна стратегија(НРС) означува пресвртен момент во историјата на нашата држава. За прв пат од независноста, успеавме да изработиме сеопфатен патоказ кој ги покажува нашите аспирации, цели и приоритети за следните дваесет години. Она што ја издвојува оваа стратегија не е само нејзината амбициозна визија, туку процесот преку кој таа беше формулирана – процес кој се карактеризира со инклузивност.
Нејзините вредносни импликации излегуваат од рамката која ја поставува, содржи повеќеслојни димензии кои се артикулираат и може да имаат важна улога во повеќе сегменти на нашето општествено и политичко живеење. Од вредносен аспект, НРС може многу да не подучи за важноста на демократскиот етос на политичкиот систем, за значењето од зачувување на етничката, културната и политичка различност, таа содржи длабок вредносен корпус кој може да биде извор на пошироки општествени трансформации.
НРС претставува кулминација на напорите да се ангажираат различни чинители во развојот на заедничка визија за иднината на државата. Преку серија на работни состаноци, консултации, анкети и јавни форуми, во кои беа вклучени над 14.000 граѓани од сите сфери на општествениот живот, успеавме да создадеме можност сите да дадат свој придонес со своите предлози и идеи. Овој широк партиципативен пристап обезбеди НРС да ги одразува потребите и приоритетите на граѓаните на кои ќе им служи. Покрај тоа, вклучувањето на претставници од граѓанското општество, академската заедница, бизнис заедницата и сите политички партии обезбеди нејзина легитимност, зголемувајќи ги изгледите за нејзина успешна имплементација.
Процесот на создавање на НРС ја подвлече важноста на инклузивноста не само како средство за постигнување на целта, туку и како основна демократска вредност. Со вклучувањето на различни перспективи и ангажирање во дијалог на различни чинители независно од нивните различности, успеавме да покажеме дека можеме да бидеме посветени на демократските принципи на размислување, плурализам и градење консензус. Инклузивноста се покажа како катализатор за иновативност, креативност и решавање проблеми, овозможувајќи ни да ја искористиме мудроста и стручноста на граѓаните во поставувањето на дваесет годишниот курс на државата.
Во период кога се подготвуваме за парламентарни и претседателски избори, може на нив да погледнеме и низ призма на тоа што НРС успеа да го постигне, а тоа е дека секој глас беше слушнат. А во срцето на секој изборен процес лежи принципот на инклузивност, кој гарантира дека секој глас се слуша и секој глас е важен, затоа треба да ја прифатиме и како фундамент на фер и транспарентен демократски процес. Со олеснување на широкото учество и застапеност на низа различни сегменти на општеството, инклузивноста ќе ја зајакне легитимноста на изборните резултати и ќе ја засили довербата на граѓаните во демократскиот систем.
Процесот на изработка и усвојувањето на НРС се покажа и како корисен за градење на отпорен, инклузивен и ефективен политички систем. НРС е доказ за капацитетот на нашите политички институции да го олеснат дијалогот, соработката и градењето консензус меѓу различните политички партии, искуство на кое, намерно или не, многу ретко сме научени. Со консензус меѓу власта и опозицијата во Собранието и нејзиното изгласување со речиси двотретинско мнозинство, односно со 78 гласа „за“, НРС прерасна во доказ за тоа дека и во поларизирани политички средини, соработка и компромис се можни за поголемо добро на граѓаните.
НРС фрли поинакво светло и врз улогата и важноста на Собранието како централна институција за демократско размислување и одлучување. Како форум на кој се дебатираше и усвои законот за НРС, успеавме Собранието да го преставиме во една перспектива различна од онаа на која сме навикнати, покажавме дека тоа може да биде и арена на демократскиот дискурс, на различни перспективи кои помеѓу себе се соочуваат и на крајот се помируваат. Кога ќе се искористат партиципативните процеси на парламентарната демократија, тогаш и конкурентните интереси се усогласуваат.
Значењето на инклузивноста која ја постигнавме, нужно не мора да ја ограничуваме на институциите на системот, треба да ја оставиме, да ја поттикнеме и потхраниме да се прелее и во партискиот живот во државата.
Таа има суштинско значење за поттикнување внатрешна дебата, промовирање на различни ставови, мислења и осигурување партиските структури и процесите на донесување одлуки да се отворени и транспарентни за членовите. Во овој поглед, инклузивните процедури за избор на кандидати за различни државни функции и механизмите за партиципативно креирање политики, се важни за одржување на демократските вредности. Ова е една од лекциите кои политичките партии треба да ја научат од она што го направивме со НРС.
НРС успеа да ја изрази етничката, културната и политичката различност во нашата држава, да постави рамка како да ја зачува во наредните две децении, но истовремено постави вредносно средство за заштита од исклученост, маргинализација и меѓу групни тензии. Во оваа смисла, системското прифаќање на инклузивноста подразбира почитување на правата и идентитетите на сите групи, негување на чувство на припадност и кохезија кај различните заедници и промовирање на социјалната кохезија и солидарност.
Оваа стратегија е пример за култивирање на демократска политичка култура која се карактеризира со толеранција, дијалог и меѓусебно почитување. НРС треба да не подучи дека со почитување на инклузивноста можеме да создадеме политички дискурс кој ќе ги надминува партиските поделби, поттикнувајќи конструктивен ангажман, компромиси и градење консензус. На овој начин ќе создадеме подобри можности и механизми за искористување на целосниот потенцијал на човечкиот капитал, ќе ослободиме иновации и креативност кои ќе ни помогнат полесно да се справиме со сложените предизвици.
За нас, социјалдемократите, инклузивноста не е само возвишен стремеж, туку фундаментален принцип што ја поткрепува структурата на едно општество во кое се слават различностите, се слушаат гласовите и ќе се постигнува колективен напредок преку единство и солидарност.

Последни вести