Редовните студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, државјани на Република Македонија ќе добиваат по 2400 денари месечно за субвенциониран оброк, во месеците кога се на настава.
Предвидено е околу 40.000 студенти да добиваат субвенција за студентски оброк, а за оваа инвестиција се издвоени околу 15 милиони евра од Буџетот на Министерството. Со оваа субвенција не се укинуваат оброците во студентските домови, туку претставува дополнителна финансиска помош за студентите.
Во тек е набавка на опрема за кујните на студентски и ученичките домови, а во 2020 година заврши набавката за целосно опремување со мебел на блоковите В и Г на студентскиот дом Гоце Делчев.
Во последна фаза е и изградбата на сосема нов студентски дом во Тетово. За студентските домови: Народен херој Орде Чопела – Прилеп, Кочо Рацин – Битола, Никола Карев – Охрид, Браќа Миладиновци – Штип, Томе Стефановски Сениќ – Скопје, Пелагонија-Скопје, Кузман Јосифовски Питу – Скопје и Стив Наумов – Скопје, ќе следи темелна реконструкција.
За оваа намена веќе се обезбедени 25 милиони евра, од кои 20 милиони преку Германското министерство за економска соработка и развој и пет милиони евра грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан (REEP+) на ЕУ.