Комитетот за заштита на светското наследство на УНЕСКО на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџо, ја усвои одлуката за состојбата на заштитеното културно и природно наследство на Охридскиот регион, со која на предлог на Босна и Херцеговина, на Македонија и Албанија им се дава дополнителен рок од две години, за имплементација на препораките на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2020 година.
Претходно, премиерот Заев при посетата на Охрид, го соопшти својот став за забелешките, но и за досега сработеното од централната и локалната власт за да се заштити статусот на нашиот светски бисер.
„Она што е уништено со децении наназад, впрочем дури и од создавањето на заштитата на УНЕСКО до денес и во последните 11 години под раководство на ВМРО-ДПМНЕ со целото мегаломанство, целата негрижа, навистина е мал периодот да се врати се во нормала. Благодарение доминантно на градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески и неговиот совет, на општинската администрација, со сите аргументи кои што беа претставени од претставниците на Општина Охрид и другите оштини, од министерството за култура, од мојот кабинет, навистина се менува сликата заради тие резултати што досега се постигнати. Пред се, мислам на изградбата на колекторскиот систем, целиот дел на ставање на режим на планот за управување со Охрид, чистењето на плажите, за кое што уште еднаш барам големо разбирање за охриѓани, тоа е нашето културно, природно богатство, кое мора да го заштитуваме“, рече Заев.