Последните податоци од Државниот завод за статистика говорат дека просечната плата исплатена во месец мај изнесува 28.721 денари и споредено со месец мај 2020, тоа е зголемување од 8,8%.
–Просечната плата експресно се движи кон 30.000 денари, што дава за право да веруваме дека до истекот на мандатот ќе го реализираме нашето ветување за просечна плата од 36.000 денари. СДСМ оцени дека растот е регистриран дури и во услови на здравствена и економска криза предизвикана од пандемијата. Покрај растот на просечната плата се бележи и раст на извозот, рекордна економска активност во индустриските зони и историски пад на невработеноста, а сите овие податоци покажуваат дека македонската економија е стабилна, развојна и динамична.
Од Владата пак велат дека доколку последниот податок се спореди со јуни 2017 година кога просечната плата била 22.808 денари, разликата е 5.913 денари, или тоа е раст од 25,93%.
-Посветени сме на реализација на стапките на економски раст од 4-5% и покачување на платите за 20 % до 30 % сѐ со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата, заклучија од владата.