„Ако Договорот од Вестфалија од 1648 година беше пресвртница, бидејќи со него започна развивањето на капацитетите на Европа да живее со верските различности, Договорот за Преспа е пресвртница за нашиот регион“, истакна премиерот Зоран Заев на церемонијата на доделувањето на Меѓународната награда за мир на Вестфалија, која му беше врачена и на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.
Заев кажа дека со овој договор се стави крај на спорот и долготрајната разлика што креваше ѕидови, што ги отежна соседските односи меѓу Северна Македонија и Грција и ги блокираше перспективите од клучен стратешки интерес за нашата земја, за регионот и за евроатлантските структури.
„Иднината беше идеја водилка во текот на целиот процес. Двете страни го прифатија компромисот како пријателство и грижа за интересите на вашиот политички партнер од другата страна, како и за вашите сопствени интереси. Тоа пријателство беше важно за да се создаде атмосфера во која отворено разговаравме за сите прашања, дури и кога се чинеше дека нема решение“, нагласи Заев
Заев додаде дека денес Северна Македонија е фактор на стабилноста и безбедноста и на регионот.
„Нашата втора стратешка цел е полноправно членство во Европската унија. Ние веруваме дека за Северна Македонија не постои алтернатива за интеграција во ЕУ и ние сме се уште сме на пат кон ЕУ“, заклучи премиерот Заев.