Интегрален текст од обраќањето на 23-та Изборна Конференција на Марко Михаилоски, претседател на СДММ
Другари и другарки,
Денеска, за нас е важен ден а за мене, посебен.
Чест ми е што пред вас, моите другари и другарки од Младина можам да ја презентирам кандидатурата за претседател на СДММ. За претседател на најнапредната, најпрогресивната младина во земјава. Да зборувам за мојата визија за тоа каде треба да се движи нашето големо семејство, нашата земја.
Ова за мене е нов почеток, но за СДММ ќе биде ново продолжение, силен буст напред, по вистинскиот пат по кој чекориме. Затоа што младите можат! Ние можеме!
СДММ покажала и досега дека може да допринесе за подобра иднина на младите тука, во нивната земја. Ќе продолжиме уште повеќе и уште подобро! Тоа е аманет кој ќе го исполниме.
Пред да зборувам за мојата визија и иднината, дозволете кратко за моето минато, мојот социјалдемократски пат досега.
Мојот пат во СДММ започна пред 11 години, во 2009-та година, како член на Надзорен одбор а потоа и како член на Извршниот одбор на мојот матичен Локален клуб во Тетово.
Серија предизвици од тогаш до денеска.
Во 2011 година бев заменик шеф на МИПШ за парламентарните избори а во 2014, се кандидирав за претседател на ЛК СДММ Тетово, но не станав претседател.
Со оглед на тоа што во локалниот клуб сите бевме како едно семејство се повлеков за да може новоизбраниот претседател да работи слободно согласно неговиот концепт. Се посветив на себеси, студиите, семинари, обуки, Политичка академија за социјална демократија, граѓански активизам, соработка со граѓански организации, меѓународни обуки и семинари…
И секако продолжувајќи ја борбата со тогашниот режим на секој начин што сметав дека можам да придонесам…
2015 година се појавив на сите вести, сите социјални и пишани медиуми со мојата критика за погрешните политики на Никола Груевски и режимот. Се што правеа беше против младите и затоа ние, младите бевме силни гласници против тие политики на режимот.
Во 2018 година бев избран за член на ИО на СДММ, и сум дел од раководството до денес, на што сум особено горд.
Во 2019-та година, новата промена во партијата и изборот Љупчо Николовски за генерален секретар на СДСМ придонесе да сум денес тука пред вас, мотивиран, сигурен, решителен.
Работејќи чесно, искрено, со многу љубов и многу работа, патот беше се појасен и појасен, трудот се гледаше и се вреднуваше.
Бев избран за секретар на Централниот изборен штаб за Парламентарните избори, каде заедно со СДММ се вградивме во победата на СДСМ, од позиција на власт за прв пат после далечната 1994 година.
Иднината на државата е обезбедена, веќе сме членка на НАТО, на ред е членството во ЕУ кое нуди многу придобивки, отвора низа можности за сите граѓани но најмногу за младите, за нивната иднина, образование, дружење и работа.
Како кандидат за претседател на Социјалдемократската младина на Македонија стојам пред вас и ја барам поддршката, заедно да работиме за сите млади, да ги шириме социјалдемократските вредности и да допринесеме за младите тука, во нашата татковина.
Другарки и другари, не чека работа во специфични околности, во време на светска пандемија, во предизвици за економијата, но и во време на многу можности токму за младите.
Младинскиот активизам, вклучувањето на младите во општествените процеси е клучно за напредок. СДСМ е партија која ова го практикува во изминатите 3 години откако ја презедовме одговорноста дадена од граѓаните. Лично ќе се посветам младинскиот активизам да се зголеми, а со тоа и вклученоста на младите. Гласот на младите е глас на иднината!
Активизмот на нашите млади членови ни е постојано потребен. Не само за да ги јакнеме капацитетите на СДММ туку и да градиме кадри кои ќе се вложат и ќе работат во интерес на граѓаните и државата. Тоа мора да биде наш најважен приоритет.
Социјалдемократската идеологија, програмските одредби и решенија на партијата, се основа за делување и мојата програма почива на неколку политички начела и цели:
· Младите во фокусот.
· Почитување на младиот човек, неговото достоинство, права и слободи, без разлика на неговата верска, расна, национална и полова припадност, неговите политички уверувања и социјална положба.
· Социјална заштита за маргинализираните групи на млади, нивна еманципација и еднаква стартна позиција во општеството.
· Негување на културните вредности на младите, историски придобивки на сите заедници на територијата на нашата држава.
· Јакнење на образованието и образовните капацитети, во согласност со програмските определби на СДСМ.
· Афирмација и еманципација на младите во општеството и младинските политики, како движечка сила на сите позитивни промени.
· Примена и развој на европските вредности во Северна Македонија.
· Почитување на анти-фашизмот како цивилизациска придобивка на современиот свет.
· Одржување и заштита на природата и животниот простор, младите за еко држава.
· Поддршка за нови иновативни технологии и современ развој на младите
Ќе бидам претседател на сите и за сите.
Ќе работиме за младите, но и за сите наши граѓани. Како дел од партијата која ја внесе оваа држава во НАТО и која ја донесе пред вратите на ЕУ, како дел од партија која ја намали младинската невработеност, го подигна ученичкиот и студентскиот стандард, имаме и право и чист образ да тропнеме на вратата на секое семејство, да ја побараме поддршката од секој млад човек и тоа и ќе го сториме.
Приоритетна цел и на партијата и на СДММ е младите да ја проектираат и градат својата иднина во својата татковина.
Знам дека ќе има предизвици, дека ќе има сложени ситуации, но убеден сум, дека заедно ќе ги премостиме сите пречки на патот и ќе градиме модерна, европска, силна Младина.
Сите заедно во периодот што следи посветено ќе работиме за да креираме мерки кои ќе ги задржат младите во државата, ќе им обезбедат подобри услови за живеење и студирање, ќе им обезбедат полесен пристап до нови работни места.
По формирање на тимот со кој што заедно ќе работиме следните 2 години не очекуваат неколку клучни активности кои се неопходни за функционирањето на СДММ. Во интерес на времето ќе издвојам само неколку:
– Совет на СДММ којшто ќе работи рамо до рамо со сите нас,
– Поставување на нов систем на организациска поставеност и секојдневна комуникација за подобро функционирање,
– Започнување со Leadership програма за млади,
– Нов Статут се за поголема демократија но и поголема вклученост на младите во политичкото делување и креирање на политики.
Ако ми ја дадете довербата да ја водам СДММ ќе покажеме дека ова е изводливо, дека можеме.
Да. Младите можат! Ние можеме!
На крајот, во оваа прилика сакам да му се заблагодарам на моето семејство за поддршката. Но и на моето социјалдемократско семејство.
Особено сакам да се заблагодарам на Жика што пред 11 години ме внесе во семејството на СДММ.
Благодарност и до Виктор, Гордан и Никола. Изминативе 2 недели со мене ја поминавме речиси цела држава барајќи поддршка од Локалните клубови за мојата кандидатура за претседател на СДММ.
На целото досегашно раководство на СДММ, на сите членови на ИО, на потпретседателите, на Виктор генералниот секретар со кој изминативе години се боревме рамо до рамо.
Благодарност на мојот претходник Дарко Каевски, за изборот што го направи пред 2 години и не се откажа од одлуката да бидам член на неговиот тим како дел од ИО.
Најголема благодарност до Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ, човек од кој за не цели 2 години научив многу, научив што значи лојалност, што значи да се работи искрено и посветено, човек кој знае да укаже кога некој греши, да признае и да се извини ако тој згреши, човек без кој можеби денес немаше да бидам тука.
Посебна благодарност до претседателот Зоран Заев, кој со својата истрајност и пожртвувана работа ја води партијата и владата на правиот пат и претставува инспирација за сите нас млади социјалдемократи.
Благодарам!