Филипче: Следи поголема криза и нови поскапувања во 2026 година

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинари, говорејќи за економската состојба во државата, предупреди дека следната 2026 година ќе биде исклучително тешка и кризна за државата и за граѓаните, со нови поскапувања, зголемено задолжување и продлабочување на сиромаштијата.

„Ќе имаме многу кризна година. Ќе следи година во која ќе треба да се задолжиме најмалку дополнителни 2 милијарди евра. И тие задолжувања ќе бидат за тековни трошоци, нема да бидат за капитални инвестиции“, рече Филипче.

Тој посочи дека во Буџетот за 2026 година е намалена вкупната сума за капитални инвестиции, додека истовремено постои сериозен проблем со реализацијата на приходите.

„Десетина проценти ќе фалат. Тоа се 600 милиони евра во Буџетот. Ако на тоа се надоврзе долгот кон стопанството, повратот на ДДВ, тогаш околу милијарда евра, недостасуваат во Буџетот. Тоа беше една од причините зашто веројатно го затвораат порано. Тоа не се случило досега“, рече Филипче.

На брифинот, Филипче потенцираше дека дополнително и состојбата со енергетската криза е загрижувачка, поради лошото менаџирање со секторот од страна на власта, што доведе до покачување на цената на струјата.

„Поскапувањето на струјата ќе повлече поскапување на сите други продукти, сследи бран на огромни поскапувања на храната, на лебот, на млекото, на јајцата, на сите основни прехранбени продукти. Притоа, нема најава дека ќе има зголемување на платите, пропаѓаат преговорите со синдикатите“, рече Филипче.

Во тој контект, Филипче укажа дека следната година, инфлацијата тешко ќе може да се контролира.

„Ако предвидувањето за раст на БДП е некаде 3,7-8 проценти, а знаеме дека нашата структура на БДП е така поставена да две третини е лична потрошувачка, граѓаните нема да трошат повеќе за повеќе. Граѓаните ќе трошат повеќе за истото или за помалку, поради тоа што цените се ќе бидат повисоки, значи ќе живеат посиромашно“, рече Филипче.

Тој предупреди и на сериозен застој кај странските инвестиции, посочувајќи дека нема веќе раст и дека е прашање колку компании ќе ја напуштат земјата. Дополнително, како што кажа Филипче, значително е влошена ликвидноста на компаниите поради доцнењето на повратот на ДДВ.

„Компаниите веќе затвораат, се жалат дека поради тоа што немаат пари од повратот на ДДВ, ги затвораат компаниите, отпуштаат работници. Илјадници работници се отпуштени, изминатите неколку месеци“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.