Соопштение за јавност
На денешниот брифинг со новинари претседателот на СДСМ, Венко Филипче рече дека платформата на партијата Истражувачкиот центар за коруптивни операции (МИЦКО.мк), веќе дава конкретни резултати и станува силен канал преку кој граѓаните јавно и храбро пријавуваат криминал и корупција.
„Нашата платформа, Истражувачкиот центар за коруптивни операции, секојдневно прима стотици документи и пријави од граѓани, од вработени во јавни институции, но и од луѓе блиски и членови на ВМРО-ДПМНЕ, на кои очигледно им е преку глава од тоа што нивните другарки и другари го прават“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека сите доставени материјали ќе бидат темелно анализирани, јавно презентирани и поднесени до надлежните институции, со цел да се обезбеди одговорност за секој случај на злоупотреба.
„Сите материјали што ги добиваме ќе ги презентираме и ќе ги поднесеме до соодветните институции. Јавноста има право да ја знае вистината, а институциите имаат обврска да постапуваат“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека токму во моментот кога почнаа да се откриваат коруптивните зделки на власта, кога започна разобличувањето на кирминалот, нивното предавство и лажен патриотизам, се забележуваат обиди за притисоци и замолчување на СДСМ.
„Уште една работа што сметам дека е многу важна да се потенцира, токму во овој период кога ги почнавме да ги откриваме сите коруптивни зделки на власта, кога почнавме да го разобличуваме предавството и нивниот лажен патриотизам, гледаме и сведоци сме дека не се бираат средства да се замолчиме“, нагласи Филипче.
СДСМ, како што порача претседателот Филипче, ќе продолжи со целосна посветеност да ја разоткрива корупцијата и криминалот и да ја брани правдата, во интерес на граѓаните и државата.
„Сакам да упатам една јасна порака дека во оваа борба за правда во државата никој нема да нè запре. Ќе ја вратиме власта во рацете на народот. Решени сме во тоа. Секој еден којшто е замешан во корупција и криминал сакам да порачам дека ќе одговара “, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.


