Соопштение за јавност
-Се губат европските пари, се губат европските фондови и грантови, се губат структурните фондови кои можат тука по примерот на другите земји кои што се приклучија во Европската Унија да значат подобра инфраструктура, патишта, пруги, болници, училишта, градинки, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција остро критикувајќи ја Владата на Мицкоски за блокираниот европски пат на Македонија.
„Се изгубија фондовите за поддршка на земјоделството. Зошто? ИПАРД го нема, Европа го блокираше затоа што ги фатија членовите на ВМРО-ДПМНЕ како крадат европски пари“, потенцираше Филипче, нагласувајќи дека директната штета од политиките на Владата ја плаќаат граѓаните.
Филипче посочи дека токму поради ваквите политики, државата стагнира додека регионот напредува.
„Се поставува прашањето кој губи? Губат македонските граѓани, никој друг, губи држава“, рече Филипче, додавајќи дека пропуштените европски средства значат изгубени можности за развој и подобар животен стандард.
Тој нагласи дека европската перспектива носи конкретни придобивки за граѓаните.
„Европа не носи само отворен пазар, туку и подобро образование и подобро здравство, социјална состојба во државата, туку само Европа е единствениот начин со кој што нашето општество може да просперира“, истакна Филипче.
Филипче додаде дека додека Македонија стагнира, соседните држави напредуваат кон членство во Европската Унија, што дополнително ја нагласува штетата од погрешните политики на власта.
