Прес-конференција,Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата
Почитувани,
Собранието, јавноста, денеска беа сведоци на соодветно обраќање на претседателот Стево Пендаровски, во рамки на надлежностите на неговата функција и на линија на државниот интерес.
Го цениме придонесот што претседателот Пендаровски го даде, особено во изминатава година која беше тешка за сите граѓани, од аспект на борбата со коронавирусот и предизвиците со кои се соочивме поради тоа што немавме функционално Собрание.
Го поздравуваме фактот што претседателот Пендаровски ги брани државните позиции во процесот на обезбедување на нашата европска иднина, како и во изнаоѓање решенија за прашањата со Бугарија.
Од институцијата Претседател, сега, за разлика од претходно, навистина гледаме државнички пристап и единство за стратешките позиции, што е многу важно за нашата земја.
Заедничка е заложбата дека државата добива многу со членството во НАТО, но и дека полноправното членство во Европската Унија нема алтернатива.
Претседателот уште еднаш потврди дека за македонскиот јазик, македонскиот идентитет не се разговара, ниту се потребни какви било документи, седници или слично. Тие се потврдени и меѓународно признаени.
Со претседателот заеднички ја делиме потребата од засилена борба против лажните вести и хибридните закани посебно за лажните вести кои хистеричната опозиција ги шири и врши директна штета на државните интереси.
Како претставници на граѓаните гледаме сојузник во претседателот Пендаровски во нашата мисија да наоѓаме решенија за надминување на сите пречки, решенија што обезбедуваат подобар живот за сите наши граѓани.
Очекуваме тоа да продолжи и во следниот период затоа што заеднички треба да се посветиме на работа за граѓаните и на работа за државата.
На крајот дозволете и еден краток коментар за денешното однесување на опозицијата.
За жал денес јавноста повторно беше сведок на неодговорно, антидржавно и деструктивно однесување на опозицијата. Денес забеганоста отиде до таму да вадат транспаренти во момент кога со едноминутно молчење се изразуваше жалење за починатите од коронавирусот.
Е до тоа дереџе падна ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ овде во Собранието не знае за ништо друго освен за бојкоти, блокади и деструкции. Тоа граѓаните го гледаат и го ценат, затоа нижат порази шест пати по ред, затоа ќе продолжат да нижат порази и во следниот период.